Податоците за економската активност за третото тримесечје од 2018 година покажаа раст на БДП од 3 отсто, што е малку подобро во однос на очекувањата, соопшти Народната банка (НБРМ)
НБРМ оценува дека економијата и натаму закрепнува како резултат на растот во индустријата, прометот во трговијата, како и високиот раст на извршените градежни работи, наспроти нивниот пад во третиот квартал на минатата година.
„Во однос на инфлациските движења, остварената годишна стапка на инфлација од 1,5 отсто за 2018 година соодветствува со октомвриската проекција, додека оцените за движењето на поголем дел од увозните цени во наредниот период се променети во надолна насока. Сепак, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 2 отсто засега се оценуваат како урамнотежени“ соопштуваат од НБРМ.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат нивен натамошен раст, при поволни движења на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка.
– Растот на девизните резерви во јануари 2019 година, засега е малку поумерен во однос на проектираниот раст за првиот квартал, а анализите на показателите за нивната адекватност покажуваат дека девизните резерви и натаму се одржуваат во сигурната зона. Според досегашните расположливи показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за периодот октомври – декември 2018 година укажуваат на остварување подобро трговско салдо во однос на очекувањата – велат од НБРМ.
Во однос на монетарните движења, од НБРМ информираат дека првичните монетарни податоци за јануари 2019 година покажуваат месечно намалување и на депозитите и на кредитите, што претставува вообичаено поместување за овој месец од кварталот и засега не упатува на позначително отстапување на движењата на овие агрегати од проекциите.
– На годишна основа, растот на депозитите во јануари го надминува проектираниот годишен раст за крајот на првиот квартал од годината, додека годишниот раст на кредитирањето засега е малку понизок во однос на проектираниот – велат од НБРМ.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, домашните банки имаа релативно ниска трговска активност на пазарите на пари, при натамошно зголемување на денарската ликвидносна позиција на банкарскиот систем. Растот на ликвидните средства на банките во овој период во најголем дел е одраз на сезонски пониската побарувачка за денарска готовина од страна на правните и физичките лица по новогодишните и божиќните празници.