Сто милијарди долари плус од НАТО сојузничките за одбрана

523

Европските земји и Канада ќе ги зголемат трошоците за одбрана за сто милијарди долари до 2020 година, во споредба со 2016 година, најави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг еден ден пред почетокот на министерскиот состанок на НАТО, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Од 2016 година, европските сојузници и Канада потрошија дополнителни 41 милијарда долари за одбрана, и врз основа на последните извештаи, ова ќе се зголеми за уште сто милијарди до идната година – најави Столтенберг, но не даде повеќе детали за начинот на кој се распоредени овие средства.

САД бараат до 2024 година сите земји сојузнички на НАТО да постигнат стапка од два отсто во своите буџети за одбрана и со тоа да го споделат порамномерно товарот на одбраната. Досега, само Обединетото Кралство, САД, Грција и Летонија одвојуваат стапка од над два отсто од БДП за одбрана.

Освен финансиските средства, сојузниците придонесуваат и преку учество во воените мисии и модерни воени капацитети.

Столтенберг оцени дека веќе има значаен напредок, но дека останува уште работа.

Сите земји членки веќе имаат патоказ преку кој објаснуваат како планираат да ги постигнат тие два отсто во наредните пет години.

– Ќе го разгледаме напредокот во трите димензии – најави генералниот секретар пред утрешниот министерски совет.

Трите димензии се „готовина, контрибуции и капацитети“ како што се нарекуваат во Алијансата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...