Специјалниот обвинител Роберт Мјулер ја испитува врската на штабот на Доналд Трамп и компанијата за собирање податоци Кембриџ аналитика.
Таа компанија е под жестоки критики по наводите дека украла податоци на повеќе од 50 милиони корисници на Фејсбук за да влијае на изборите.
Мјулеровите истражители ги распрашувале поранешните официјални лица од штабот во врска со операцијата со податоци, особено како се собирани и користени во клучните држави, вели лице запознаено со текот на истрагата, но кое нема овластување да зборува за тоа, јавија американски медиуми.
Истражителите, исто така, се распрашувале за тимот за податоци на Трамп, во кој биле аналитичари од Републиканскиот национален комитет, за нивниот однос со Кембриџ аналитика. Штабот и платил на таа фирма шест милиони долари за работа во 2016 година, покажуваат официјалните податоци.