Судски процес против уредничка на најголемиот независен портал во Минск

55

Во главниот град на Белорусија, Минск, денеска започна судскиот процес против главната уредничка на најголемиот независен портал во земјата, а групите за човекови права тврдат дека станува збор за репресија врз медиумите.

Главната уредничка на tut.by Марина Золотова во август беше уапсена, заедно со деветмина други новинари поради тврдењата за „неовластен пристап“ до информации на државната новинска агенција БелТА.  Доколку биде осудена, може да добие затворска казна до пет години и да и биде забрането да извршува раководни функции. На останатите новинари, од истиот портал, но и од други медиуми, им беше наредено да платат казни за нанесена штета на државната агенција.

Белорускиот Истражен комитет подоцна тврдеше дека компјутерите од канцелариите на Tut.by и Bela.Pan користеле и туѓи кориснички налози и лозинки за да пристапат до претплатничкиот дел на државната новинска агенција БЕЛТА.

„Кривичното дело нанесе значителна штета” на БелТА, „што доведе до нелегално набавување и користење на информации заштитени од неовластен пристап, како и на ерозија на деловниот углед на претпријатието”, тврдеше комисијата.

Обвиненијата се подигнати и покрај тоа што вестите на БелТА се слободни за пристап 15 минути по објавувањето.

На првиот ден од судењето Золотова се појави насмеана, пречекана со аплаус од нејзините поддржувачи.

Таа се изјасни дека не е виновна. Делото за кое се товари сега е преименувано во „неактивност“, односно е обвинета дека не ги извршила своите работни обврски, што би било најблиску до небрежност.

– Овој случај е конкретно насочен против  tut.by, истакна Золотова преку сајтот на Белоруската асоцијација на новинари пред сослушувањето. Имаме повеќе од еден милион посети дневно, а новинаската агенција и други државни медиуми имаат значително помалку. Ова е обид не да се затвори, туку да се ослабне конкуренцијата – оцени таа.

Советот на Европа и „Репортери без граници“ изразија загриженост во август, кога беа приведени новинарите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...