Трансферот на моќта по крвна линија во Северна Кореја или во Куба, непотизмот на кинеската номенклатура, незаборавниот и комичен речиси фамилијаризам на Чаушеску, Милошевиќ и Груевски, се фактички примерите за ужасите на реализираниот социјализам.
Да, тука влегува и Груевски кој ги украде сите левичарски политики и ги искриви низ десничарска идеологија и режимизација.
И сега овие клерикалниве левичари кои се однесуваат како десничари, додека и понатаму ветуваат рушење на ѕидовите меѓу социјалните категории, се заглавија во најантичкиот од сите можни маѓепсани кругови на дискриминацијата, оној на фамилијата.
Кога не им е аргумент „фамилијата мора да јаде“, „државата е мала, сите се роднини“, „баџанак не е роднина“, „не знам што прави сестра ми во животот“, тогаш немаат никакви скрупули да кажат дека партиски заслужуваат да си го вработат секој член од семејството. Лудило, автентично лудило. Да ги замениш актерите кои ги даваат овие моронски изјави, после идиотски постапки, ќе бевме како потопени во најмрачните денови на режимот и Фамилијата.
Ама со оваа власт сѐ поминува, сѐ е легитимно, сѐ е идиотско.
И така одеднаш пред „Еднаквото општество за сите“ добиваат необјасниви заслуги сопругата, синот, братучедот, баџанакот, золвата, снаата, во еден трагикомичен круг на монархиска пародија.
Кога ќе им се нотира пропорцијата на пародијата, дури и се навредени, дискриминирани, вџашени како плебсот реагира пред привилегиите и фаворитизмот на патријците, овај партијците.
Знаеме нешто и за љубовниците и којзнае, можеби околу Денот на вљубените, ќе добиеме нешто повеќе информации.
За кој к.р е вашиот морализам кој го мавтавте со години, консензусот кој го освоивте мачно, надежта која ја подигнавте до небески височини?
Морализмот на ваквите лажни левичари и нови режимлии и фамилии можеби служи единствено за стрелање со официјалната сопруга како Чаушеску, наместо да се биде обесен како некој друг со конкубината. Што сте вие поразлични од сите лажови кои зад големите чекори, плишаните револуции, социјал-фашистичките држави, технократските влади, полека, полека изградиле фамилијарен систем кој базди на кромидски прженици во вашиот дом, каде сте чопоративно стуткани околу огништето како уплашени стопани?
Ветувавте револуција, донесовте дома само регрес и застарени методи и пракси. Испаднавте гладни и мизерни, минимални и небитни, додека вашите граѓани и понатаму живееат во мизерија и беда.