Српскиот и косовскиот претседател Александар Вучиќ и Хашим Тачи утре би требало да се сретнат во Брисел за да ја разгледаат вкупната состојба во односите меѓу Белград и Приштина, примената на постоечките договори и за да разменат ставови за новата фаза од дијалогот за сеопфатната нормализација на односите.
Состанокот во Брисел го организира високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини.
Во повикот до претседателите на Србија и Косово, Могерини нагласи дека на 23 март ќе се разговара за „фазата од дијалогот која се однесува на сеопфатна нормализација, како и дека ќе се разгледа работата која е во тек врз примена на постоечките договори“.
Се работи за прв состанок на високо политичко ниво во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина од почетокот на годинава, а трет откако минатата година форматот на политичкиот дијалог на двете страни премина од премиерско на претседателско ниво.