Вкупно 250 работници, 150 инженери 40 архитекти вработени во градежните компании наредните месеци ќе се обучуваат за проектирање, дизајнирање и инсталирање на фотоволтаици и топлински колектори. Проектот е со цел да се одговори на барањата за подобрување на енергетската ефикасност на објектите и подготовка на кадарот за сѐ поголемиот интерес на компаниите и домаќинствата за користење и производство на енергија од обновливи извори.
Како што беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора, над 2.000 градежни компании од земјава 4.000 градежни професионалци и 9.600 градежни работници ќе имаат можност да се вклучат во проектите се со цел до 2020 година да се постигне таргетот кој беше поставен од Европската комисија и да се обезбеди поголема енергетска ефикасност во градбите.
– Обуката ќе се реализира преку Центарот за менаџирање знаење и вештини кој е формиран за таа цел, а со неа ќе бидат опфатени сите занимања во градежништвото како и инженерскиот и архитектонски кадар – информира Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија.
Таа најави дека е планирано да се направи база на сите обучени кадри и база на тренери кои ќе им бидат достапни на компаниите и граѓаните за да можат полесно да ги реализираат своите проекти.
Образованието и вештините на овие луѓе ќе бидат внесени во националниот систем на квалификации и ќе бидат препознаени на меѓународно ниво.
Ристо Јаневски, претседател на Здружението на енергетиката при Стопанската комора на Македонија се осврна на законските погодности кои заедно со сѐ пониската цена на производството која ја прави оваа енергија конкурентна на пазарот на енергија.
Тој ги повика компаниите да инвестираат во фотоволтаици, оти како што рече, инвестицијата е исплатлива за 5 до 6 години.
– Постапката не е компликувана. Потребна е идеја изработка на проект, добивање на градежна дозвола како и инсталирање. Дополнително, доколку станува збоер за производство е потребно и договар со снабдувач со електрична енергија за продажба на произведената енергија – вели Јаневски.
Во земјава, како што рече, само една фирма произведува фотоволтаици,а 11 компании произведуваат панелки.