Тајландската принцеза Уболтарана Раџакања Сиривадана Барнавади (68) и официјално е дисквалификувана од трката за премиер, соопшти денеска Изборната комисија.
Партијата Спас за тајландската нација (ТРЦ), формирана од сојузници на соборениот тајландски премиер Таксин Шинаватра, претходно соопшти дека ја предлага принцезата Уболратана за свој кандидат за премиер. Но само неколку часа откако принцезата се заблагодари за номинацијата и нагласи дека се откажала од кралската титула и дека сега е само обична граѓанка без привилегии, реагираше нејзиниот брат, кралот Маха Вајиралонгкорн и забрани нејзино учество на изборите. Во саботата таа најави повлекување од изборите откако кралот оцени дека тоа не е пристојно и не е во согласност со кралската традиција.
„Принцезата Уболратана е првото дете на покојниот крал Бумибол Адулјадеџ и кралицата Сирикит… Таа е многу почитувана од сите членови на кралското семејство… Нејзиното учество во политиката е против долгогодишната национална традиција и е многу несоодветно, беше наведено во писмената изјава на кралот Маха Вајиралонгкорн.
„Денеска Изборната комисија ги објави имињата на кандидатите, со исклучок на принцезата Уболтарана, предложена од партијата Спас за тајландската нација“, се наведува во соопштението од Комисијата, во кое се дополнува и дека „сите членови на кралското семејство се над политиката“.
ФОТО: МИА