Четириесет и осумгодишната Дијана Димоска, загрепчанка мажена за Македонец, а живее и работи во Охрид, со задоволство прифати да ни ја раскаже својата хроно приказна која ѝ го променила животот. Шармантната госпоѓа Дијана е медицинска сестра, мајка на две полнолетни деца, и меѓу бројните успеси во животот, од неодамна може да се пофали и со победата на вишокот килограми со кои, со години наназад, „војувала“.
Пред да одлучи да ја посети ординацијата „Срце“, од каде ѝ го сугерирале протоколот на хроно исхрана, Дијана имала 127 килограми. Не крие дека со толку килограми се чувствувала искомплексирано, па дури ѝ било непријатно да седне во ресторан.
– Имав преголем вишок килограми. Тие килограми ми пречеа и на физичкиот изглед, но и во работата. Мојата работа бара движење, а јас бев многу побавна. Хроно режимот на исхрана го започнав, пред сѐ, поради здравствени причини. Имав хипертензија и дијабет тип 2, а бев и на инсулинска терапија и пиев таблети – се присетува Дијана.
Со килограмите се борела подолг период, пробувала различни диети, се обидувала да вози и собен велосипед, но тој спортски предизвик можела да го издржи само пет минути. Од диетите пак, кревала раце многу бргу, не гледајќи ги резултатите.
– Диетите што ги држев ме исцрпуваа и успевав да ги применувам максимум две недели. За хроно исхраната постојано слушав и се информирав за неа од интернет. Најмногу ме привлече во овој режим што можеш да јадеш, а сепак, слабееш – објаснува Дијана.
Во Центарот за внатрешни болести „Срце“, вели, нашла прекрасни стручни лица кои ѝ помогнале да ја подобри здравствената состојба и ја советувале како правилно, преку здрава исхрана, да се ослободи од вишокот килограми. Признава дека била скептична. „Изгорена“ од искуството со претходните диети, не верувала дека нешто драстично може да се случи со нејзината физичка, позитивна трансформација.
– Првите три недели ми беше тешко да се адаптирам на новиот начин на исхрана. Ми недостигаше овошјето, ама и вкусните колачиња. Но, пред сѐ, имав голема мотивација, а тоа беше да си го подобрам здравјето. Почувствував кризи во некои периоди, најмногу бидејќи бев зависна од слатки. Ама со текот на времето се навикнав на хроно-режимот – вели Дијана.
А, како ѝ изгледало дневното мени, што јадела и што правела во текот на протоколот со цел да си го подобри здравјето и да го симне вишокот килограми? На оваа тема Дијана ни зборува во сегашно време, бидејќи сѐ уште се придржува на хроно исхраната.
– Наутро станувам во 8.30 часот. Утрото го започнувам со цеден лимон во вода, па по половина час јадам ржано лепче што сама си го правам, две варени јајца и домат. Понекогаш во појадокот вклучувам кисело млеко и сланина. Пет часа по појадокот не јадам ништо. Пијам само билни чаеви. За ручек, околу три часот, јадам риба или месо со многу салата. Пет часа потоа пијам само чај, а за вечера најчесто јадам салата со риба или со стек – објаснува таа.
Првите резултати од диетата се виделе, на нејзино задоволство, веднаш, уште во текот на првиот месец. Тогаш почнала и нејзината радост, пред сѐ, затоа што ѝ се намалиле отоците на нозете кои биле неподносливи. Поради тие отоци, ништо не можела да облече, а не можела ни нормално да се движи. Набрзо забележала и други здравствени придобивки од диетата, ѝ се регулирале шеќерот и крвниот притисок, па престанала да пие куп таблети, како што пиела претходно.
За 8 месеци, Дијана успеала да „симне“ повеќе од 30 килограми! И тука не завршува нејзината хроно приказна. Иако е многу задоволна од постигнатото, од трансформацијата на изгледот до непрепознатливост, од значително подобрената здравствена состојна, таа одлучила да се ослободи од уште 15 килограми.
– Во овие 8 месеци ниту еднаш не почувствував влошување на здравјето, туку напротив, сѐ ми одеше на подобро и уште подобро. На сите им ја препорачувам хроно исхраната затоа што нема никакви нус појави. Јас сум сега сосема нов човек. Не ме препознаваат на улица, а и многу сум поздрава што е најважно – додава таа.
Сега, Дијана Димоска на својот собен велосипед може да вежба и цел час, за разлика од некогаш, кога едвај издржувала само неколку минути. Самодовербата, вели, ѝ е потполно вратена, одлично се чувствува во своето тело, многу е поподвижна и со полна виталност им одговара на обврските.