Што мислите кога не мислите?

За партиите, секаде во светот, не е важно ние да мислиме, туку тие да ги добијат изборите. Нивната логика е: има време за мислење, сега е важно да победиме!

5919

Конечно го видов сопствениот рејтинг: 2,7 отсто. Јас, додуша, јавно побарав моето име повеќе да не се става во контекст на идните претседателски избори, но се чини директорот на МЦМС мислел поинаку. Дозволено ли е тоа? Добро, барем знам како стојам кај јавноста. Немам партија, немам никаква функција, па единствено нешто што го имам е моето мислење кое го кажувам во колумните. Не учествувам во телевизиски дебати иако повремено, на кандисување од новинари, знам да дадам интервју. Ама ретко. Деновиве ми се јавија Борјан Јовановски и Горазд Чомовски, но ги замолив интервјуата да ги оставиме за некое идно време. По можност, по претседателските избори. Значи, зборувајќи во категоријата „рејтинг“, не сум се грижел за тоа. Сум можел и да престанам и да пишувам, ама пишувањето ми е страст и би ми паднало многу тешко тоа да го направам.

А, сега, на сериозниот дел од она што сакам да го кажам: што значи кога врвните политичари во државата имаат рејтинг од 12,7 отсто или 7,8отсто, а оние кои се фаворити за претседател на Македонија имаат рејтинг 6,9 отсто и 5,8 отсто? Тоа значи дека граѓаните немаат елементарна доверба во политичарите. Ова би било коментар кој кажува нешто и кој тера на размислување, а не она што го вели директорот Кржаловски, дека оној кој има 6,9 отсто е фаворит во однос на оној кој има 5,8 отсто.

Можеби е време да се разбудиме и да се соочиме со големите проблеми на нашиот политички живот. На нашата демократија. Не, не е само нашата демократија во криза. Секаде институциите на демократијата имаат ниски рејтинзи. Причината е иста: изневерени  очекувања на граѓаните од страна на нивните претставници во власта. Оттаму слабата доверба во институциите и во политичарите. Е, сега, наместо и ние во Македонија, вниманието да го насочиме токму тука, наместо анкетите да не натераат сите да размислуваме за лошите перформанси на системот и како тој да се поправи, истражувачките организации, упорно и немилосрдно, ја тераат водата на воденицата на партиите. За партиите, секаде во светот, не е важно ние да мислиме, туку тие да ги добијат изборите. Нивната логика е: има време за мислење, сега е важно да победиме!

Но, бидејќи секогаш има избори, никогаш не мислиме. Во овој случај, не мислиме ниту дебатираме доволно за кандидатите за претседател на Македонија. Наместо тоа – анкета. Џејмс Фишкин, професор од Стенфорд вели : „Во анкета ги прашуваме луѓето што мислат кога не мислат. Поинтересно би било да се прашаат што мислат откога им е дадена шанса да мислат“.

Кога сѐ би било во „рејтингот“, прочитав еднаш, Дејвид Бекам би бил кралица на Велика Британија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...