Моќта на твоите 10 пратеници ја чувствуваме сите, највеќе Заев. Тој немаше да стане премиер со неговите 49 пратеници, да не беа твоите 10. Ниту власта на чело со Заев ќе го истуркаше преспанскиот договор, промените на Уставот, промената на името, и, замисли, другар Ахмети, немаше толку лесно да ти поминат сите барања за кои се залагaше со 20 и нешто пратеници во владите на Никола Груевски.
Најверојатно без моќтта на твоите 10 пратеници сега немаше да го добиеме столчето во НАТО алијансата, твојата дамнешна желба, твоето политичко ветување во сите предизборни агенди на секои избори. Тоа што не можеше да го постигнеш со твојата политичка програма и многу повеќе пратенички мандати, ти се реализира сега со најмалку освоени пратенички места во твојата политичка кариера. Тоа е постигнување за респект, другар Ахмети. И за голема, за огромна почит кон твојот политички партнер во владата, кон Заев, кон СДСМ и неговите коалициони партнери, а не, за политички закани, свесен за фактот дека сега, како никогаш претходно, можеш да го држиш на краток синџир опстојувањето на владата, злоупотребувајќи ја толерантноста на Заев, отворената подршка, максималниот респект и невидено големата искреност кон тебе и кон сите Албанци во државава…
Дури и судските реформи, посебно статусот на СЈО, Заев го кочи заради необезбеденоста на 80 пратеници кои ќе гласаат за Законот, заради стравот кај вас и вашите поранешни и сегашни функционери кои се предмет на истраги на ова обвинителство и ја нема твојата подршка. Ја користите секоја можна прилика да го реализирате само своето, само она кое вам ви одговара, не водејќи сметка за сите други во државава, најмалку за мнозинството, за Македонците. Напротив. Летате орлиња со чиста и јасна порака, за провокација, за создавање револт на национална основа, на зголемување на јазот на меѓуетничка омраза, која, замисли, од петни жили, со невидени саможртвувања, Заев, ја носи на највисоко цивилизирано ниво, на почит и разбирање какви што доликуваат на секоја цивилизација во 21 век.
Барате консензуален претседателски кандидат? Велите тоа ќе биде најдобро за државата? Зошто, тогаш, не го прифатите оној што СДСМ ќе го предложи, онака, авансно, како реванш на сѐ што досега Заев направи за тебе и за твојата партија? Нели заслужува оваа предпретседателска игра да ја изигра сам, знаејќи однапред дека ќе ја има вашата подршка? Има ли право твојот политички партнер во власта да ја почувствува и твојата искреност за соработка и фер односи? Има ли, бе, О ти, Ахмети, право, другарот Заев, конечно да биде премиер и на твоите министри? Има ли право да не биде Груевски во владина коалиција со тебе? Хе… И не се секирај, Али, ако Заев го одбере погрешниот претседателски кандидат, твојата авансна подршка ќе му пропадне затоа што ние, ќе му го испорачаме несогласувањето и недовербата.
Не ја потценувај интелигенцијата на Македонците и сите останати, не користи перфидни, ниско итромански закани од висока политичка позиција. Не ти се партнери ДПМНЕ, не ти е колега Груевски, туку премиер ти е Заев, О Зоти Ахмети, мервеш…? Фелимендери – Боки Бургија.