Вељановски: Лани програмата за култура скандалозна, годинава трагична

313

СДСМ продолжува со системско уништување на културата во Република Македонија. Ако минатата година годишната програма на Министерството за култура беше скандалозна, тогаш овогодинашната програма е трагична. Станува збор за општ грабеж на народните пари. Криминалната и одродена власт, предводена од аболицираниот Заев, уште еднаш покажа дека не бира ниту метод, ниту начин како да стигне до буџетските средства, до парите на македонските граѓани. Ова го изјавил Роберт Вељановски на денешната прес-конференција.

– СДСМ континуирано, две и пол години уништува реномирани установи, институции и уметници во културата, а притоа финансира анинимуси на културната сцена. Оваа година средства во програмата за култура нема за „Скопскиот џез фестивал“, и за „Оффест“, а значително помали суми од оние кои ги побараа и се потребни за реализирање на програмата добија „Фолк фест Валандово“ и фестивалот „Таксират“. Кратењето на средствата за голем дел од реномираните музички фестивали може да значи и нивно замирање на македонската културна сцена – рекол Вељановски.

Тој додал оти „забележлив е и фактот дека средства се доделуваат исклучиво по етничка линија, со што дополнително се зголемува поделбата во македонското општество кое заради Заев и неговите политики е поподелено од кога и да е. Па така националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ доби поразителни 150 илјади денари, додека новоформираниот ансамбл за албански ора и песни од Министерството за култура доби 800 илјади денари“.

– Само за пример, за пример фестивалот „Таксират“ аплицирал за помош од 6 милиони денари, а добил 500 илјади денари што е за 12 пати помалку од побараната сума, додека за фестивал во Тетово и за концерт, здружението „Артал“ од Тетово добило неверојатни 3,6 милиони денари. Почитуван господине Адеми, тоа што министерската функција не Ви е света е Ваш избор, проблемот го лоцираме во фактот што Вам не Ви е света македонската култура – додал тој.

Тој кажал оти „веќе две и пол години македонската култура е во владение на дилетанти“.

– Време е за оставки, ВМРО-ДПМНЕ го повикува министерот за култура, во Владата на Зоран Заев, господинот Асаф Адеми да понесе неотповиклива оставка. Крајно време е и некадарните кадри на СДСМ, националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски и советничката за култура на Заев, Цветанка Ласкова да поднесат оставки и да ја ослободат македонската култура од нивните антимакедонски политики. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува и сите претседатели и членови на комисиите по дејности во културата, да понесат одговорност за системското уништување и деградирање на културата во изминативе две и пол години. ВМРО-ДПМНЕ бара и итно и неодложно повлекување на целата годишна програма за работа во културата за 2019 година, а не само за делови од неа како што најави експертот за сите области Зоран Заев – додал тој.

Во спротивно, како што се изјаснил, ВМРО-ДПМНЕ го „повикува Социјалдемократскиот сојуз да се охрабри и да излезе на избори, за да утврди дали граѓаните се согласуваат со нивните политики, вклучително и со политиката во културата која, за жал, ја потоморува македонската култура“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...