Катругалос: Членството на соседната земја во НАТО беше националната позиција по Букурешт

1387

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос за време на расправата за ратификација на Протоколот за членство во НАТО на Комисијата за национална одбрана и надворешни работи рече дека „членството на соседната земја во НАТО беше националната позиција по Букурешт, прво решение, а потоа членство, а сега имаме изгласан договор од Парламентот“, јави дописничката на МИА од Атина.

Катругалос одговори на аргументите од опозициските партии и како пример ги спомена членствата на Албанија и Бугарија во НАТО.

– Албанија влезе во НАТО на 1 април 2009, а преговорите тогаш ги презеде Нова демократија. Бугарија, директниот сосед заедно со шест други земји при големото проширување во 2004 големиот дел од преговорите тогаш ги презеде ПАСОК. Што побаравте вие тогаш – ги праша Катругалос опозициските партии.

Тој додаде дека основната разлика со претходните влади е тоа што актуелната грчка Влада „не се плаши и сака да ги промени работите кон подобро“.

– Ние преговаравме токму поради што сметаме дека по ратификувањето на Договорот од Преспа, она што го нарекуваме водечка улога во поширокиот регион, ќе биде засновано токму на градењето пријателски односи – истакна Катругалос.

Говорејќи за обврските од македонска страна, алтернативниот шеф на грчката дипломатија рече дека „соседната земја, свесна дека договорот е чесен компромис, презеде многу потешки обврски на психолошко и симболично ниво, отколку обврските на Грција“. Тој додаде дека откако ќе стапи на сила Договорот од Преспа, соседите ќе бидат обврзани да ги почитуваат и духот и содржината.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...