Се додека не сме сигурни дека Иловица-Штука нема да ги исполни сите стандарди, особено за заштита на животната средина нема да дозволиме да се случи инвестицијата. Ако се исполнат стандардите и доколку има согласност од граѓаните инвестицијата ќе продолжи, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Како Министерство и Влада во неколку наврати сме кажале дека ќе го слушаме гласот на народот за рудниците. Утре заедно со премиерот Заев Заев ќе имаме состаноци со граѓаните на струмичките села на кој отворено ќе разговараме што како Влада ќе предложиме и каков е интересот на граѓаните. Ќе го презентираме и интересот на државата, имајќи во предвид дека за рудникот Иловица се планира да се ивестираат над 350 милиони евра – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање по денешната дебата за предлог-тарифникот за концесии за металични и неметалични суровини.
Тој посочи дека и во иднина ќе имаат состаноци со сите засегнати страни за да се најде решение што ќе биде во интерес на сите.
Претседателот на Македонска асоцијација за рударство при Стопанската комора на Македонија, Николајчо Николов посочи дека во Иловица има големо наоѓалиште на бакарана руда и додаде дека се залага за централизирање на експлоатацијата и преработката на бакарната руда.
Тој прецизира дека во Иловица има регистрирани количини од над 250 милиони тони руда и оти ќе се преработуваат околу 10 милиони тони руда годишно што ќе дава 20.000 тони бакар.
– Во Иловица треба да се анализира дали е проблем само браната, но и дали и колку се загрозува Струмичкото поле. Луѓето во Иловица што реагираат за браната и велат дека е иста како онаа во Бразил што попушти можеби се во право, но има начин како од таму да се извади рудата и да се преработува централизирано во Бучим. Треба да има еден сопственик на рудниците и да се окрупни рударството. Не е битно дали сопственикот на Бучим ќе им го продаде ним или ќе ја купи Иловица. Со тоа се создава можност да се направи преработувачки капацитет за 30.000 тони бакар, а во Неготино има два комбината за преработка на бакарна жица, а во Радовиш капцитет за преработка на злато кој не работи – потенцира Николов.