Уште еден американско-руски договор е во опасност по одлуката на САД да се повлече од договорот за контрола на оружјето, изјави денеска заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков.
Тој истакна дека одбивањето на САД да преговара за продолжување на новиот договор СТАРТ за намалување на нуклеарното вооружување ја сигнализира намерата на Вашингтон да дозволи тој да заврши во 2021 година.
Рјабков предупреди дека истекува времето за зачувување на договорот, кој го потпишаа американскиот и рускиот претседател, Барак Обама и Дмитриј Медведев во 2010 година.
Тој рече дека САД покажуваат дека „не се подготвени и немаат желба“ да се вклучат во суштински разговори за продолжување на договорот, со кој секоја земја се ограничува на 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 700 ракети и бомбардери.
– Во најлош случај, тие можат да носат 1.286 боеви глави, рече Рјабков, што значи дека САД мора двојно да го зголемат бројот на распоредени боеви глави, кој е дозволен со СТАРТ.
Тој наведе дека нема време за да се разговара за тоа и за други прашања, поради што тоа е причина за сомнеж дека американските колеги чекаат договорот да престане да важи.