„Ангелите и градот“ е насловен вечерашниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, која првпат ќе ја изведе Симфонијата бр. 4 „Лос Анџелес“ од современиот естонски композитор Арво Перт.
– „Лос Анџелес“ се смета за едно од најволшебните дела со кое може еден град да се гордее. Таа е духовен портрет на овој т.н. град на ангелите, која поседува раскошна убавина. Композиторот Арво Перт (1935) е еден од најизведуваните живи современи автори кој создаде магија од сплет на класичната и духовната музика, кој ги разби постоечките контури на компонирање видени низ разновидните експерименти на останатите композитори од 20 век, кој направи и разви своја техника наречена „тинтинабули“, кој е силно инспириран од грегоријанските црковни песни и кој на минималистичкиот музички израз му даде нова димензија, наведува Филхармонијата.
Оркестарот ќе го води етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен. Покрај делото на Перт, на концертот ќе бидат изведени и Полка од балетот „Златна доба“ од Дмитриј Шостакович, како и Концерт за мала флејта во Ц-дур од Антонио Вивалди и Концерт за обоа и оркестар во г-мол од Јохан Себастијан Бах, на кој солист ќе биде 19-годишната холандска флејтистка Луси Хорш, која е позната по нејзините врвни изведби на барокна флејта.
– Таа се смета за еден од најистакнатите таленти од нејзината генерација музички уметници која настапува во нејзината матична земја, но бројни се и нејзините интернационални настапи со барокни, како и со современи ансамбли. Оваа концертна сезона таа ќе ги направи своите дебија со Филхармонијата на Хонг Конг, како и со Македонската филхармонија, а заедно со ансамблот Академија за античка музика заминува на турнеја во „Барбикан“ во Лондон, „Музикгебау“ во Амстердам и „Де Доелен“ во Ротердам, соопшти Филхармонијата во најавата на вечерашниот концерт.