Се гради пругата од Косово Поле до границата со Македонија

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој присуствуваше на церемонијата, изрази посебно задоволство што овој проект се изведува со заедничка инвестиција на Косово и Европската унија.

157

Во Приштина денеска се одржа церемонија на потпишување на Комерцијалниот договор меѓу јавното претпријатие на косовските железници „Инфракос“ и италијанската фирма ГЦФ (Generale Construzioni Ferrovarie) за рехабилитација на железничката линија од Косово Поле до Генерал Јанковиќ, односно до границата со Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој присуствуваше на церемонијата, изрази посебно задоволство што овој проект се изведува со заедничка инвестиција на Косово и Европската унија.

– Денеска е празник за Косово, бидејќи од денеска започнува работата на рехабилитацијата на еден значаен сегмент, како што е овој Косово Поле – Генерал Јанковиќ. Изградбата ќе трае 24 месеци, што значи дека на почетокот на 2021 година ќе имаме добри челезници. Добра страна на денешниот ден е дека ова е заедничка инвестиција на Косово и ЕУ – рече Харадинај.

Тој најави дека до протлетта 2021 година ќе се завршат работите и на изградбата на железничките линии до Мердаре, на границата со Албанија и до Лешак, на границата со Србија.

Министерот за инфраструктура Паљ Лекај изрази уверување дека новата пруга ќе ги исполни сите критериуми на ЕУ.

– Денеска започнува една нова фаза во развојот на косовските железници. Возовите на оваа линија ќе можат да се движат со 150 километри на час. Од денеска се инвестираат 210 милиони евра обезбедени од Владата преку Европската банка за обнова и развој – изјави Лекај.

Претставникот на ЕУ во Приштина, Луиѓи Буна изјави дека оваа пруга ќе има позитивно влијание на косовската економија.

– Во првата фаза нашата инвестиција е 40 милиони евра, вклучително фазата на проектирање. Ние ги обединуваме луѓето и ова ќе има мошне позитивно влијание за Косово. Ќе се отворат 120 нови работни места. Ова е голема работа и јас сум среќен заради започнувањето на изградбата- изјави Бунa.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...