Ердоган бара екстрадиција на осумте турски војници од Грција, Ципрас е за почитување на судските одлуки

302

Верувам дека постои значајна можност во следниот период да инвестираме во позитивната агенда меѓу двете земји, Грција се наоѓа во посебен период, излегува од долгогодишната криза, но паралелни решава и  децениски проблеми како што е спорот со Северна Македонија, порача денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас по средбата со претседателот на Турција, Реџеп Таип Еродган во Анкара.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас и Ердоган на заедничката прес-конференција по нивната средба, се задржаа на билатералната соработка и можностите за нејзино продлабочување, на мигрантската криза, кипарското прашање, но и на осумтемина турски војници кои добија азил во Грција.

Ердоган истакна дека борбата против тероризмот е важна, па затоа двете земји, како сојузници, треба заедно да се борат и да имаат заеднички третман за организации, како Курдската работничка партија (ПКК) или движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен и „не треба бегалците припадници на овие движења да се наоѓаат во Грција“.

 – Ние тоа го сакаме и сакам да го привлечам вниманието на соседната земја. Мора да ги почитувавме оние кои на 15 јуни (2016 година) ги изгубија животите справувајќи се со овој пуч и очекуваме дека и Грција, исто така, ќе го почитува ова и ќе дејствува соодветно кон овие бегалци, кои ги згрижи – порача турскиот претседател.

Ципрас изјави дека грчката Влада, Грција и грчкиот народ се категорично против оние кои се обидоа да ја урнат демократски избраната Влада на Турција и дека Грција е земја „која ја поддржува демократијата и нема намера да брани пучисти“, но дека земјата има свој правен систем и ги почитува одлуките на судот.

– Грција како држава во која владее правото мора да ги почитува одлуките на судот. Секако, во Грција пучистите не се добредојдени, но сепак она што е важно во овој момент е да ја зајакнеме соработката во безбедноста, за ефективно да се справиме и со мрежите на криумчарите (на луѓе) во Егејското Море и кај Марица и со секоја криминална група и со се што е сомнително и што сака да создаде проблеми во добрососедските односи и соработката меѓу две земји – нагласи грчкиот премиер.

И Ципрас и Ердоган говореа за подобрувањето на билатералните односи и за развивање на врските во сите области, но турскиот претседател истакна дека прво е потребна доверба.

Ципрас објасни дека на средбата предмет била можноста да се создадат услови за подоцна да може да се направат историски чекори во грчко-турските односи. –

– Ние сакаме да ги поставиме темелите за подоцна да можеме да градиме – истакна Ципрас.

Во однос на бегалскиот и мигрантскиот проблем, Ердоган објасни дека Турција во овој момент се грижи за четири милиони бегалци и има потрошено 35 милиони долари.

По средбата и прес-конференцијата, Ердоган и Ципрас, разговорите ги продолжија за време на вечерата во чест на грчкиот премиер и грчката делегација, а турскиот претседател го покани да присуствува и вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...