Позирањето со поп ѕвездите, скапиот накит или купишта пари во луксузните хотели не им е непознаница ниту на богатите деца на социјалистичката елита на Венецуела, наследниците на политичарите кои земјата ја доведоа на работ на пропаст.
4 милијарди долари
Марија Габриела, најстарата ќерка на социјалистичкиот водач Хуго Чавез, е една од најбогатите жени во Венецуела, со лично богатство проценето на 4 милијарди долари, наводно скриено по разни банкарски сметки ширум Европа. 38-годишната Марија извесно време ја преземала улогата на прва дама, откако татко ѝ се развел од втората сопруга. Чавез својата ќерка Марија ја нарекувал „херој“, пишува „Дејли мејл“.
И додека Габриела се крие зад дипломатскиот имунитет, со оглед на тоа дека режимот ѝ ја додели улогата на „алтернативна амбасадорка на Венецуела во САД“, нејзината помлада сестра ја напуштила земјата. Росинес Чавез отишла во Париз недолго откако ја нападнале на социјалните мрежи поради објавата на фотографијата на која држи куп пари во раката во 2016 година. Семејството тогаш зборувало дека Росинес отишла да студира, а 21-годишната девојка е се уште наводно на Сорбона каде одлучила да продолжи со образованието. Од друга страна, наставниците во Венецуела работат речиси бесплатно поради хиперинфлацијата.
Расипништво и беда
Додека пак, наследникот на нејзиниот татко и неговото потомство се однесуваат уште полошо.
Претседателот Николас Мадуро се најде на удар на критики откако на Интернет се појави снимка како тој ужива кај славниот готвач Салт Беј во Истанбул лани, додека повеќето граѓани во Венецуела не можат да си овозможат месо. Повеќе од едно на седум деца во моментот страда од неисхранетост, родителите ги напуштаат и ги оставаат на улица, бидејќи не можат повеќе да се грижат за нив. Месо можат само да сонуваат.
Два месеци претходно неговите посиноци, Јосвал Гавидиа Флорес и Волтер Гавидиа Флорес успеале да потрошат 45.000 долари на екстравагантни 18 ноќевања во хотелот „Риц“ во Париз. Нивната хотелска сметка изнесувала отприлика колку и месечна плата на 2.000 државјани на Венецуела. Покрај тоа, браќата се чести гости во најскапите ресторани, продавници со облека и накит, додека нивниот татко ја влече земјата низ кал.
За среќа на претседателот Мадуро, неговиот син Николасито не се експонира во јавност. Неговата единствена контроверзност е што во текот на говорот во парламентот во 2017 година му се закани на Доналд Трамп дека ќе ја заземе Белата куќа ако американската војска ја нападне Венецуела.
Ќерката на Мадуро привлече внимание со изледот, но и стилот. Нејзиното момче е латинската поп ѕвезда Омар Аседо.
Дилери на дрога
Од социјалистичката елита на Венецуела засега лошо поминале само двајцата внуци на првата дама на Венецуела, Чили Флорес. Имено, Ефраин Антонио Кампо Флорес и Франки Франциско Флорес осудени се на 18 години затвор откако биле уапсени во обид за криумчарење на 20 милиони долари вреден кокаин во САД преку Хаити.