Годинашната меѓународна награда „Гоцева мисла“ вчера му беше доделена на професорот Кирил Темков.
Наградата ја доделува фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“.
„Наградата се доделува во чест на роденденот на Гоце Делчев и неговата знаменита мисла – Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, рече Христо Петрески, писател и оснивач и директор на издавачката куќа „Феникс“, кој му ја врачи наградата на професор Темков.
Професорот од Филозофскиот факултет иако е во пензија е сѐ уште активен и држи предавања за докторантите, а со години води „донкихотовска“ битка етиката да се воведе како предмет во образованието.
Доделувањето на наградата беше во рамки на Фестивалот на чајот и читањето, а свеченоста се одржа во Културниот центар „Феникс“.
Оваа година наградата му беше доделена и на Жан-Патрик Конрад, претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите со седиште во Париз, Франција.