Нова едиција водичи која има за цел поквалитетна промоција на туристичките потенцијали на државата објави Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот(АППТ).
Како што информираат од Агенцијата, со новата едиција водичи испечатени во 36.000 тираж, опфатени се регионите, манастирите, препознатливите производи, локалитети, објекти и настани во Македонија и отоманските споменици во Македонија. Иницијално напишани на македонски јазик и преведени на англиски, руски, бугарски, албански, српски и туриски јазик, секој од водичите нуди содржини кои се присутни и карактеристични само за Македонија.
Водичот за манастирите е изработен во џебен формат во 15.000 примероци. Во него опфатени се поважните манастири низ земјава со низа информации за локација, значење, специфики и можности за ноќевање во нив.
Во тираж од 3.000 примероци и преведен на четири јазици е испечатен водичот за отоманските споменици во Македонија, а водичот за препознатливите производи, локалитети, објекти и настани во Македонија нуди богати и прецизни информации за посакуваните дестинации, храна и настани. Неговата содржина е испишана на 180 страни со едноставен наратив кој е поткрепен со уникатни фотографии и конкретни полезни информации.
АППТ издаде и водич низ регионите на Македонија кој нуди конкретни информации за секој од осумте региони низ земјава. Со тираж од 5.000 примероци, овој водич нуди и конкретни тури за запознавање со некој регионите.
„Едицијата на водичите претставува начин дополнително да се овозможи на тур-операторите и туристичките агенции да креираат нови туристички производи“ информираат од Агенција за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.