„Фридом хаус“: Србија падна од групата слободни земји во делумно слободни

Како делумно слободни се означени Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Македонија, Косово, Унгарија, Молдавија и Украина, а како неслободни Русија и Белорусија. Сите останати држави во Европа имаат статус на слободни.

79
ФОТО: EPA/KOCA SULEJMANOVIC

Србија падна од групата на слободни земји во делумно слободни на листата за основни слободи, објави организацијата „Фридом Хаус“ во својот нов извештај „Слободата во светот во 2019“.

Србија во однос на минатата година се влошила за шест поени во услови на политички права и граѓански слободи и оваа година има 67 поени и се вбројува во група на држави, кои имале најголем губиток во една година.

Во годишниот извештај се проценува состојбата на слободата во 195 земји и 17 територии во текот на 2018 година, а државите се оценуваат на скала до 100 поени, и потоа се вбројуваат во општ статус како слободни, делумно слободни или неслободни.

Статусот на Србија падна од слободна на делумно слободна поради влошувањето во одржување на слободни избори, продолжените обиди на Владата и властите на блиските медиуми да ги поткопаат независните новинари преку правно вознемирување и кампања оцрнување и де факто акумулација на извршните овластувања на претседателот Александар Вучиќ, што е спротивно на неговата уставна улога, стои во извештајот.

Покрај Србија, и Унгарија помина од слободни во делумно слободни држави поради нападот на премиерот Виктор Орбан и неговата партија Фидес врз демократските институции.

Во Европа од 625 милиони луѓе, 83 отсто живеат во слободни земји, а четири отсто во делумно слободни, а 13 проценти во неслободни.

Како делумно слободни се означени Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Македонија, Косово, Унгарија, Молдавија и Украина, а како неслободни Русија и Белорусија. Сите останати држави во Европа имаат статус на слободни.

Во 2018 година, слободата во светот забележала пад 13 години по ред. Падот вклучува различни земји во секој регион од долгогодишните демократии, како што се САД, до зацврстени авторитарни режими, како што се Кина и Русија, се наведува во воведниот дел од извештајот.

Во периодот меѓу 2005 и 2018 година, учеството на неслободните земји се зголемило на 26 отсто, а оние кои беа слободни падна на 44 отсто. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...