Со затворање на обложувалниците, албанската Влада им заштеди 50 милиони долари на граѓаните

117

Албанската Влада со стапувањето на сила на одлуката за затворање на игрите на среќа, спортските обложувалници и казината, на граѓаните им заштедила 50 милони долари, изјави државниот министер за односи со Парламентот, Елиса Спиропали.

Според изнесените бројки, во јануари 2018 година, од финансиите на албанските семејства во касите на организаторите на игри на среќа или спортско обложување се слеале 13 милиони долари, околу 1,3 милијарди леки, бројка која доколку се земе предвид трошењето во нелегални коцкарници се смета дека надминува износ од 35 милиони долари.

– Значи во јануари 2019 година, поради забраната за коцкање во Албанија, околу 50 милиони долари останале во албанските домови – рече Спиропали, во улога на портпарол на Владата.

Таа посочи дека се затворени 4.364 објекти каде што функционирале спортски обложувалници, игри на среќа или казина. Во меѓувреме во дел од овие објекти или во 2.688 започнале со работа нови, мали бизниси.

Според одлуката на Владата, од први јануари годинава треба да се затворат сите обложувалници и сите електронски казина, кои ги имаше низ главните улици во градовите во Албанија. Казината ќе бидат достапни само во хотели ширум земјата со пет ѕвездички, кои се наоѓаат надвор од урбаните области.

Министерот за внатрешни работи Сандер Леши, пред стапување на сила на одлуката, предупреди дека секоја од обложувалниците која нема да биде затворена ќе се третира како парцела со марихуана.

Инаку, во текот на 2017 година албанските граѓани потрошиле над 130 милиони евра во казина, спортски обложувалници и лотарии. Гледано по глава на жител, произлегува дека на игрите на среќа албанските граѓани годишно трошеле по 46 евра, што е многу повисок износ во споредба со земјите во регионот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...