Македонија и Бугарија потпишаа Програма за соработка во областа на културата

134

Министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми и неговиот бугарски колега, Боил Банов денеска во Софија потпишаа Програма за соработка.

Овој билатерален документ, како што соопшти Министерството за култура, се надоврзува на потпишаниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка, а ќе ги интензивира културните врски меѓу двете држави во кои низ годините наназад се реализираа бројни иницијативи и проекти од сите дејности од областа на културата.

Во Македонија и Бугарија од 2005 година егзистираат и културно-информативни центри во кои континуирано се претставуваат уметници и институции од двете држави.

Министерот Адеми беше дел од македонската владина делегација што денеска, предводена од премиерот Зоран Заев, престојуваше во еднодневна работна посета на Република Бугарија.

Адеми и Банов положија и венец на споменикот на Гоце Делчев во Софија, со што се одбележа 147-годишнината од раѓањето на великанот, а воедно присуствуваа и на културно-уметничката програма, која по овој повод се реализираше во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. На настанот партиципираа уметници од повеќе држави кои интерпретираа извадоци од творештвото на Петре М. Андреевски, Пејо Јаворов, како и од музичките великани Жорж Бизе, Џузепе Верди, Јохан Штраус…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...