Регулирање на статусот на природните лекувалишта во рамки на важечкиот Закон за здравствена заштита и препознавање на бањскиот туризам во Законот за угостителство и туризам, бара Групацијата на бањи при Стопанската комира на Македонија.
– Нашиот предлог е конкретен бараме во два члена на Законот за здравствена заштита да се предвидат природните лекувалишта. Имено, во член 68 да се додаде нова алинеја во став еден која ќе гласи природни лекувалишта и во член 96 да се додадат два нови става со што ќе се предвиди што претствува природно лекувалиште, односно како треба да работи – рече Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора.
Прифаќањето на иницијативата на групацијата, според неа, ќе значи решение на проблемите кои за бањите произлегоа со неколку последователни измени на Законот за здравствена заштита.
-Со новиот закон за здравствена заштита од 2012 година статусот на бањите не беше регулиран и тие не може да функционираат како здравствена организација што врши здравствена дејност и дава здравствена услуга.Тие сега својата дејност ја вршат согласно склучени договори со Фондот за здравство за лекување и рехабилитација. Од 1 јануари 2019 четирите членки на Групацијата – Катлановска бања, Негорска бања, „Цар Самоил“ и Дебарска бања, функционираат според анекс на договорите за продолжено болничко лекување и специјалистичко-консултатитивна здравствена заштита како преодно решение заклучно со јуни 2019 година- рече Михајловска Василевска.
Таа посочи дека во регионот Србија, ЦГ, БиХ, Хрватска, бањите се регулирани со Законите за здравствена заштита.
Михајловска Василевска информира и дека следен чекор ќе биде покрената иницијатива за регулирање на природните бањи како туристички центри во законот за туристичка дејност.
– Моментално само оние бањи кои се прилагодени на Законот за туристичка дејност пружаат и туристички услуги. Ова се смета за сериозен проблем што оневозможува овој сегмент на туристичка услуга да го нудите и да го развиваме.Сите четири бањи од оваа групација вложуваат сериозни средства за развој на туристичкиот сектор од нивното работење -рече таа.
Капацитетот на Катлановска бања, Негорска бања, „Цар Самоил“ и Дебарска бања изнесува вкупно 1.040 кревети (во 458 соби). Во единесет месеци од 2018 година реализирани се 101.000 ноќевања и 12.562 туристички ноќевања.
Во 2017 вкупно 2.500 осигуреници го користеле правото на продолжено болничко лекување (кое вклучува претстој од 15 дена), а над 14.000 осигуреници користеле специјалистичка консултативна здравствена заштита.