ГДУ: Винарии што не плаќаат ни струја, ни грозје се идеални за популизам

Работата на државата не е да плаќа туѓи долгови, сопствениците на винариите се доволно богати можат да си ги платат сами. Ако не се во можност нека продадат дел од својот луксузен возен парк и да си платат на лозарите.

137

Винариите кои не платиле ниту грозје ниту струја би биле идеална таргет група за левиот популизам. Навистина не можеме  да сфатиме дали живееме во демократија и пазарна економија или во таков лош комунизам кој го нема никаде во светот, велат од ГДУ.

– Граѓаните не плаќаат даноци за Вие господо од владејачката гарнитура да плаќате долгови за струја од пред 12-13 години, кои во една нормална правна држава би биле одамна застарени. Ние, господа социjал-популисти, не плаќаме даноци за со нашите пари да им ги плаќате долговите на тајкуните во оваа земја, кои се сопственици на винариите. Работата на државата не е да плаќа туѓи долгови, сопствениците на винариите се доволно богати можат да си ги платат сами. Ако не се во можност нека продадат дел од својот луксузен возен парк и да си платат на лозарите.

Најавата што пристигна од Кавадарци, а имено дека Владата ќе исплаќа долгови на приватни винарии кон лозарите, е уште една потврда дека владејачката коалиција на чело со СДСМ нема намера да го напушти левиот популизам во стилот на своето владеење. Стара практика на партиите од статус квото е да бидат дарежливи кон потенцијалните избирачи токму пред избори. Во времето на „дивиот“ груевизам се делеа субвенции на земјоделците, се праќаа пензионери на бесплатни бањи и скијања, се делеа ваучери за компјутери, се откупуваа дворни места за евро квадрат и сл.

Денес тимот на Заев може да се нарече достоен наследник на овие економски неисплатливи и популистички политики. Денес за да се добијат евтини политички поени пред избори, се простуваат и се исплаќаат долгови.

Владата со 1,5 милиони евра буџетски пари ќе подмирува долгови на приватни, повторуваме ПРИВАТНИ компании. Владата ќе ја искористи маката на лозарите, кои со години не можат да ги добијат парите за продаденото грозје, за да му даде предност на својот кандидат за претседател на Република Македонија.

Се ближат изборите за претседател. Секој денар земен од џебот на граѓаните и потрошен за популизам е добредојден. Ние од ГДУ сме против таквиот начин на менаџирање со проблемите. Би го посоветувале премиерот Заев, прво да ги најде парите од „дупката“ во пензискиот фонд, а после да ја игра улогата на латиноамерикански револуционер од типот на покојниот Уго Чавес и неговиот наследник Николас Мадуро.

Премиере врзете си ги „кучињата“ и почнете да се однесувате како добар менаџер, сепак доаѓате од приватниот сектор и знаете како изгледа реалниот пазар, стои во соопштението на ГДУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...