Британија, Шпанија, Франција и Австрија го признаа Гуаидо за привремен претседател на Венецуела

73
ФОТО: EPA / Miguel Gutiérrez

Шпанскиот премиер Педро Санчез го призна денеска опозицискиот лидер Хуан Гуаидо како привремен претседател на Венецуела.

Тој истакна дека на Венецуела и се потребни слободни и фер избори „колку е можно побрзо“.

– Го признавам претседателот на венецуелскиот Парламент, господинот Хуан Гуаидо, како привремен претседател на Венецуела – нагласи Санчез.

Велика Британија, исто така, денеска го призна опозицискиот лидер Гуаидо како привремен претседател на Венецуела, изјави шефот на британската дипломатија Џереми хант.

– Николас Мадуро не распиша претседателски избори во рок од осум дена, кој му го одредивме. Затоа Британија, заедно со европските сојузници, го признава Гуаидо како привремен уставен претседател додека не се одржат веродостојни избори – напиша Хант на Твитер.

Претходно, францускиот министерот за Европа и за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, изутринава за француското радио Франс Интер, истакна дека го признава Хуан Гуаидо како „времен претседател“ на Венецуела и смета дека тој е „овластен“ да распише нови претседателски избори во земјата.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, исто така, напиша на Твитер дека неговата земја го смета венецуелскиот опозициски лидер Гуаидо за законски преоден претседател на јужноамериканската држава.

Европските земји, меѓу кои Германија, Франција, Шпанија и Британија, и поставија на владата на претседателот Николас Мадуро осумдневен ултиматум да распише нови претседателски избори, во спротивно ќе го признаат Гуаидо за претседател, исто како и САД и други држави. Ултиматумот за Мадуро истече синоќа.

ФОТО: EPA / Miguel Gutiérrez

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...