Од 2 февруари заштитните мерки за увоз на челик во ЕУ од трети земји стануваат трајни до 2021, ревизии се можни доколку има промена на околностите, јави дописничката на МИА од Брисел.
По одлуката во јули минатата година да се воведат привремени заштитни мерки врз увозот на повеќе категории челични производи во ЕУ, додека трае истрагата на Европската Комисија, тие стануваат трајни до летото 2021.
Овие мерки се последица на зголемените царини за увоз на челик во САД, воведени лани од страна на администрацијата на Доналд Трамп. Поради овие царини, Европската Унија констатира дека на пазарот се случува диверзија на тековите и дека голем број челични производи се пренасочени кон ЕУ, со што се ставаат во опасност европските производители на челик.
Во наредните две години и половина се воведуваат квоти на увоз за трети земји калкулирани врз основа на просек од таканаречените „историски текови“ во последните три години. Кога третата земја ќе ја постигне поставената квота, се применува царина од 25 отсто. Мерките се во сила до јули 2021, но „можат да бидат ревидирани во случај на променети околности“, соопшти Европската Комисија.
– Овие мерки се целосно во согласност со заложбите на ЕУ кон Светската Трговска Организација и се внимателно обликувани за да се сочува континуиран тек на увоз, кој ќе гарантира ефикасна конкуренција на европскиот пазар на челик и доволен избор за бројните корисници на челик во ЕУ – смета ЕК.