Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го објави вториот повик „Предизвик за млади истражувачи“ наменет за проекти на ученици од основните и од средните училишта. Повикот е отворен до 31 март до кога заинтересираните може да се пријават со апликации.
Буџетот годинава е 2,5 милиони денари со можност да биде зголемен доколку има голем интерес како минатата година, кога поради пристигнати речиси 100 апликации Фондот го зголеми првично планираниот буџет од 1,5 милион на четири милиони денари. Со нив поддржа дваесет апликации на тимови (тројца до седум ученици под менторство на еден до двајца професори) од основни и од средни училишта.
Критериумите и информациите за аплицирање може да се најдат на веб-страницата www.fitr.mk. Директорот на Фондот Јован Деспотовски очекува и оваа година да има голем број оригинални идеи за проекти. Максималниот износ за поддршка по проект и на вториот повик е 300.000 денари. Целта на повиците, рече тој, е да се поттикне критичкиот и креативниот потенцијал на младите.