Отворање на нови авио линии за поврзување на Охрид и Скопје со повеќе градови во Турција како и вклучување на Македонија во кружните патувања на Балканот од малезиски, кинески и индиски туристи се прашања кои се покренати во разговорите на претставници Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со претставници од турските туроператори и Министерството за туризам и култура на Турција.
Разговорите се реализирани на Саем за туризмот „East Mediterranean International Tourism & Travel Exhibitio-EMITT” во Истанбул каде што претставници на општина Охрид и претставници од приватниот сектор, Бадем Турс, Фибула, Генерал Турист, Вардар Експрес, Енџој Балканс, ДМЦ Балканс и хотел Њу Стар ќе ги промовираат туристичките дестинации на Македонија.
Како што соопштија од Агенцијата, бројот од 130.000 турски туристи годишно го наметнува интересот и потребата за отворање на нови авио линии за поврзување на Охрид и Скопје со други градови од Турција. Има најави и заинтересираност и од филмската индустрија на Турција за вклучување на Македонија во локациите за снимање на телевизиски серии и филмови.
„Сорботката на Агенцијата за туризам со Асоцијацијата на туристички агенции и туроператори (ТУРСАБ) од Истанбул резултира со реализација на информативно патување во нашата земја за дваесетина туроператори и медиуми од Турција. Тоа би значело зголемување на Б2Б средбите помеѓу ТУРСАБ и македонските компании и зацврстување на туристичките бизнис врски“, информираат од Ахгенцијата.
Македонскиот штанд, додаваат од Агенцијата го посети и турскиот министер за туризам и култура Мехмет Ерсој со кој институционално ќе се реализираат активности за соработка помеѓу двете држави. Имајки предвид дека ЕМИТ го поврзува Истокот и Западот и претставува мост за туристичка размена, на состаноците со туроператори од Азиските земји се потенцираа активностите за вклучување на Македонија во кружните патувања на Балканот од малезиски, кинески и индиски туристи.
„East Mediterranean International Tourism & Travel Exhibitio-EMITT” е еден од водечките туристички настани во Турција, кој го соединува туристичкиот сектор на национално и меѓународно ниво секоја година.