ЕП ги одобри новите правила за односите со лобистите

40
ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ

По долга парламентарна битка, европските пратеници вчера ги усвоија новите правила за односи со лобистите, јави дописничката на МИА од Брисел.

Предлогот на известувачот Ричард Корбет од Социјалдеморатската партија беше усвоен со 496 гласа „за“ и 114 „против“ и воведува низа нови внатрешни правила за европратениците во нивните односи со надворешните лоби групи.

Од сега членовите на Европскиот Парламент „би требало систематски да ја применат праксата на средби само со лобисти регистрирани во регистарот за транспарентност“, се наведува во извештајот.

Регистарот за транспарентност е усвоен од страна на Европската Комисија и ЕПпред неколку години, меѓутоа тој не е задолжителен.

Новите правила препорачуваат и дека европратениците „би требало“ да ги објавуваат сите средби со лобистите онлајн. Известувачите и претседателите на парламентарните комисии од нивна страна ќе бидат обврзани да ги објавуваат сите средби со регистрирани интерес групи.

Внатрешните служби на Европарламентот ќе треба да ја воведат потребната инфраструктура на интернет страницата на ЕП за објавување на овие средби.

Што се однесува до кодексот на однесување, се очекува од европратениците да се воздржуваат од „несоодветни“ постапувања, како на пример изложување транспаренти и плакати за време на пленарните седници, од нив исто така се очекува да се воздржат од клеветење, говор на омраза и поттикнување дискриминацијата како и од морално и сексуално вознемирување.

Доколку некој одбие да ја потпише декларацијата со новите правила, може да му биде забрането да биде назначен на важна функција како известувач или претседател на комисија или да го претставува ЕП во официјални делегации. Санкции се предвидени за сериозни прекршувања на кодексот.

ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...