НБРМ: Укината Одлуката за условите за хартии од вредност во странство

Советот на Народната банка на денешната седница го разгледа и усвои кварталниот извештај во кој се оценува дека продолжуваат поволните економски активностi.

155

Советот на Народната банка ја укина Одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка.

Како што е соопштено од НБРМ, донесувањето на ваква одлука следи по објавата за стапувањето во сила на Одлуката за премин во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки, согласно со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а е во насока на натамошно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка.

Советот на Народната банка на денешната седница го разгледала и усвоила кварталниот извештај во кој се оценува дека продолжуваат поволните економски активност.

„Тоа се должи на повисокиот раст на извозот, односно поповолната нето извозна побарувачка, како и на повисокиот раст на јавната и личната потрошувачка во однос на очекувањата од октомвриските проекции, додека падот на бруто-инвестициите е поголем од очекуваниот. Годишниот раст на БДП во третиот квартал на 2018 година беше поддржан и од нето-извозот и од домашната побарувачка. Податоците за билансот на плаќања во тој квартал упатуваат на подобри остварувања кај тековните трансакции во однос на планираните, додека тековите во финансиската сметка имаа нешто послаба реализација од очекуваната“, појаснува НБРМ.

Советот констатира и дека поволните движења во економијата се проследени и со поволни очекувања за растот на индустријата.

– Воедно, одредени индикатори упатуваат и на подобрување на секторот „градежништво“ во споредба со претходниот дел од годината. Личната потрошувачка забележа зголемување. Поволни движења се забележани кај вкупните инвестиции, што се должи на инвестициите на приватниот сектор, додека номиналните податоци упатуваат на потенцијално мало проширување на трговскиот дефицит во четвртиот квартал во однос на истиот период од минатата година. Последните расположливи податоци за бруто девизните резерви за четвртото тримесечје на 2018 година упатуваат на квартален раст, наспроти умерениот пад очекуван со октомвриските проекции. Според сите показатели за нивна адекватност, тие и натаму се одржуваат во сигурната зона – појаснуваат од НБРМ.

Советот на НБРМ оценува и дека во последниот квартал од минатата година е регистрирано забавување на годишниот раст на домашните цени, од 1,6% во третиот, на 1,2% во четвртиот квартал.

„Ова забавување е одраз на побавниот раст на цените на енергијата согласно со движењата на цените на нафтата и нафтените деривати на светските пазари, како и на забавеното движење на базичната инфлација. Од друга страна, кај прехранбената компонента на инфлацијата е забележано мало забрзување на растот. За целата 2018 година стапката на инфлација изнесуваше 1,5%, во најголем дел како резултат на поместувањата кај базичната компонента, а во помал дел од позитивниот придонес на енергетската и прехранбената компонента“- додаваат од НБРМ.

Во рамки на дискусијата за усвоениот Извештај беше истакнато дека континуираниот раст на депозитната база и на кредитната активност на банките продолжи и во последното тримесечје од минатата година, што сигнализира стабилни очекувања и зголемена доверба.

На годишна основа, вкупните кредити во декември се повисоки за 7,3%, што е во рамки на очекуваната стапка на раст со октомвриската проекција, додека годишната стапка на раст на депозитите во декември изнесуваше 12,1%, надминувајќи ја проекцијата за крајот на годината. Забрзаниот кредитен раст главно произлегува од зголемената кредитна поддршка на корпоративниот сектор, додека депозитниот главно од депозитите на домаќинствата.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...