УНХЦР: Зголемен бројот на загинати мигранти на Медитеранот, иако помалку доаѓаат

Околу 116.000 мигранти влегоа во Европа во 2018 година, што е помалку од 172.000 во 2017 година, 360.000 во 2016 година и повеќе од еден милион во 2015 година, кога континентот го доживеа најголемиот прилив на мигранти од Втората светска војна, објави УНХЦР.

43

Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) предупреди на можноста за зголемување на антимигрантската реторика во пресрет на изборите за Европскиот парламент во мај, и покрај падот на бројот на мигранти во Европа во 2018 година.

– Околу 116.000 мигранти влегоа во Европа во 2018 година, што е помалку од 172.000 во 2017 година, 360.000 во 2016 година и повеќе од еден милион во 2015 година, кога континентот го доживеа најголемиот прилив на мигранти од Втората светска војна, објави УНХЦР во годишниот извештај.

Комесарот Филипо Гранди изјави дека политизацијата на миграцијата ги спречува земјите да дозволат влез „дури и на неколку бегалци“, а надежите да дојде до промена пред изборите, на кои  се очекува популистичките и евроскептичните партии да постигнат добри резултати, се многу мали.

– За жал, предвидувам полоша реторика во следните неколку месеци, рече Гранди.

Тој додаде дека антимигрантската реторика донела многу гласови за некои политичари, но дека верува оти може да се постигне компромис за прашањето на мигрантите со европските пратеници по изборите во мај.

– На крајот, во сечиј интерес, дури и на популистичките лидери, е да најдат решение, рече комесарот Гранди.

Популистичките и антимигрантските кандидати и партии во земји како Полска, Италија и Унгарија се надеваат дека ќе освојат дополнителни места во Европскиот парламент.

Италијанската Влада, која дојде на власт минатата година, ги затвори своите пристаништа за бродови кои носат мигранти, за да ги принуди другите земји членки на ЕУ да преземат поголем дел од мигрантите пристигнати на Медитеранот.

Во извештајот на УНХЦР се наведува дека бројот на загинати мигранти при преминот на Медитеранот е зголемен, иако е намален бројот на мигранти кои доаѓаат.

Гранди рече дека причината за тоа е фактот што  бројот на бродови кои ги носат мигрантите е намален од десет во 2015 година на два, како и тоа што луѓето, поради цврстиот став на Италија, се обидуваат да стигнат до Европа прегу други опасни патишта.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...