Не кревајте телефон на непознат број од странство, ќе ви се крене сметката!

Мобилните оператори смируваат дека за појавата знаат и реагираат со блокирање на ваквите броеви, додека пак институциите предупредуваат на претпазливост и доколку има таков случај да се пријави во Министерството за внатрешни работи.

2339

На социјалните мрежи деновиве сѐ почесто се споделуваат информации за измама со повикување на мобилен телефон од непознати броеви во странство. Граѓаните се збунети, оти дел од нив веќе имале искуство дека нивните сметки за телефон пораснале откако се јавиле на ваков број. Не се знае колку од граѓаните наседнале на оваа измама. Мобилните оператори смируваат дека за појавата знаат и реагираат со блокирање на ваквите броеви, додека пак институциите предупредуваат на претпазливост и доколку има таков случај да се пријави во Министерството за внатрешни работи.

– Вчера добив повик од непознат број. Помислив да се јавам, но се сетив дека можеби е од странство бидејќи бројките не соодветствуваа на оние од Телеком, Вип или Лајкамобил. И добро е што не одговорив на повикот, бидејќи подоцна прочитав на Фејсбук дека од вакви броеви и мои пријатели добивале повици и се правеле измами. Велат кога ќе се јавиш не можеш да го исклучиш повикот, а сметката расте. Слушнав дека имало многу вакви случаи и дека можело сметката да порасне до 10.000 денари – вели Елена од Скопје.

Друг граѓанин тврди дека имало шема на јавување на мобилен телефон и така се краделе податоци и од тековните сметки со кои се поврзани овие броеви.

Граѓаните тврдат дека повиците се од различни броеви: +436708012068, +491712523311, 37065568591….

Од мобилните оператори за Плусинфо појаснуваат дека станува збор за телекомуникациска измама предизвикана од носители на странски revenue share броеви таканаречена Вангири (слична појава како спам мејлови, на јапонски на англиси се преведува како „One (ring) and cut“.

Појавата на 28 јануари е забележана кај нумерациските опсези со префикс 070, 071, 072, но од 29 јануари наваму и за префикси од Вип.

Операторите појаснуваат дека во овој процес на измама прво се генерираат кратки повици со цел да остават нотификација за пропуштен повик на дисплејот на корисникот телефон за да може корисникот да возврати на повикот.

– Овие броеви се меѓунардни revenue share броеви зад кои обично е поставен ИВР (interactive voice response) со цел повратниот повик да трае подолго. Доколку корисниците возвратат на повикот истиот ќе се наплати согласно тарифата за интернационални (меѓународни) повици во зависност од зоната – велат од операторот Вип.

Операторите исто така наведуваат дека вакви броеви се идентификувани од Австрија, Либерија и од Литванија.

– Со цел да ги зашитиме нашите корисници од страна на Вип преземени се итни мерки на блокирање со кои оваа појава е стопирана. Овие броеви веќе не може да бираат корисници на мрежата на Вип ниту да бидат повратно избрани – велат од операторот Вип.

И од операторот Телеком велат дека појавата ја откриле и реагирале со блокирање.

– Телеком ваквите броеви ги идентификува и ги блокира, врз основа на поплаки на корисници – велат од компанијата.

И од двата мобилни оператора добивме убедување дека со повик на број е невозмозно да биде „испразнета“ сметка во банка.

– Ваквите повици не може да бидат поврзани со банкарски сметки, туку со телефонската сметка на корисникот – објаснуваат операторите.

Операторите советуваат во иднина кога граѓаните ќе добијат повик од непознати интернационални броеви да не возвраќаат веднаш инстинктивно на повиците.

– Граѓаните имаат и можност на своите телефонски апарати да ги ажурираат броевите во црна листа со што ќе се заштитат при нареден повик – појаснуваат операторите.

Од Министерството за внатрешни работи предупредуваат граѓаните да бидат внимателни.

– Доколку граѓаните се жртви на измама, случајот треба да го пријават во полициска станица и во соработка со Обвинителството соодветно ќе биде постапено – велат од МВР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...