„Бесмртност“ – музика од Бетовен на концерт на Филхармонијата

109

„Бесмртност“ е насловен симфонискиот концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи вечерва од 20 часот, а ќе биде посветен на творештвото на Лудвиг ван Бетовен. Диригент на концертот е Сашо Татарчевски.

На програмата се Бетовеновите: Увертира за именден оп. 115, Хорска фантазија за пијано, хор и оркестар оп. 80, каде што солист ќе биде пијанистка Нина Костова-Јаневска, како и Симфонијата бр. 2 во Д-дур.

Ќе учествуваат и хорот „Драган Шуплевски“ од Факултет за музичка уметност, професионален хор „Про арс“ и солистите: Јаворка Витанова и Мартина Нанеска – сопрани, Бојана Јованова – алт, Јане Дунимаглоски и Шинаси Рамадан – тенори и Мартин Блажевски – бас.

Германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен (1770–1827) или „музичкиот Прометеј“, како што го нарекува Филхармонијата, зад себе оставил девет симфонии, од кои пет се вбројуваат меѓу 12 најдобри во историјата, пет ненадминливи клавирски концерти, Концерт за виолина и оркестар, 16 гудачки квартети, 32 сонати за пијано (форма што ќе ја доведе до совршенство), две миси, десет увертири, десет сонати за виолина и пијано, пет сонати за виолончело и пијано, една опера…

– Ги направил најхрабрите чекори во музиката, особено во сонатно-симфониската форма и се смета за првиот европски романтичар. Биографите запишале: Бах го усовршил постојното. Моцарт е најсјајниот момент во историјата на музиката. А, Бетовен е моќта… – соопшти Филхармонијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...