Саудиска Арабија ја заврши големата антикорупциска кампања, што ја нареди престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, во рамки на која се одземени повеќе од 106 милијарди долари, преку договори со принцови, министри и бизнисмени, соопшти Кралскиот суд во Ријад.
Според Судот, за време на кампањата, која почна во ноември 2017 година, саудиските власти повикале на разговор 381 лице, од кои некои беа сведоци, а се договориле со 87 лица кои ги признале обвиненијата против нив.
Имотот што е вратен вклучува недвижности, фирми и готовина.
Во соопштението се наведува дека продолжува истрагата против 56 лица и дека државниот обвинител одбил да се договори со нив поради други кривични дела со кои се соочуваат.
Уште осум лица одбиле да се договорат и тие се обвинети за корупција.
Во првите три месеци од кампањата, голем број припадници на бизнис и политичката елита, меѓу кои и глобалниот инвеститор, принцот Алвид бин Талал, беа речиси три месеца во притвор во хотел во Ријад.