Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, најави дека во текот на следната недела Министерството ќе распише јавен повик за распределба на 37 станови за најранливите групи граѓани во Струмица.
– Владата посветува особено внимание на ранливите категории граѓани и заеднички работиме и правиме сѐ што е во рамките на нашите можности и надлежности за да им обезбедиме подобар живот. Во согласност со критериумите, на јавниот повик ќе може да се јават само социјално загрозени лица, и тоа: деца без родители, корисници на социјална помош, лица погодени од елементарни непогоди, инвалидни лица, самохрани родители со малолетни деца, слепи лица корисници на социјална помош и припадници на ромската заедница, кои се социјално загрозени. Огласот ќе трае 30 дена, а сите документи ќе може да се достават до Центарот за социјални работи во Струмица – изјави Сугарески.
Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски, истакна дека зградата ги задоволува сите енергетски стандарди и најави дека во тек се повеќе проекти од овој тип.
– Очекуваме во многу бргу да биде ставена во употреба и зградата во Гостивар, а исто така веќе имаме почнато и со постапка за избор на изведувач на зграда со 312 стана во општина Бутел. Очекуваме на почетокот на февруари договорот да биде потпишан и да почне изградбата.Паралелно работиме на подготовка за проектирање вакви згради на 5 локации во Македонија, а во постапка за избор на изведувач се и проектите за изградба на социјални станови во Пробишип и Неготино“ – изјави директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, нагласи дека Општината е партнер на сите проекти што ги реализира Владата.