Вкупно 18 директори на јавни претпријатија, од кои 6 основани од Владата, а 12 од локалните власти ги исполнуваат законските услови за разрешување, поради необјавување извештаи од работењето, констатира Центарот за граѓански комуникацииво истражувањето насловено како „Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост“.
Според, истражувањето најниско ниво на транспарентност и отеченост претпријатијата имаат во сегментот на објавувањето извештаи и податоци за своето работење. Процентот на реализација на овие стандарди е едвај 21 отсто.
Просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, односно исполнувањето на законските обврски и добрите стандарди, пак, изнесува само 28 отсто од можни 100 отсто.
Податоците покажуваат дека колку финансиски е помоќно претпријатието транспарентноста е пониска. Ниту едно од 30-те најголеми претпријатија во државна сопственост, чии вкупни годишни приходи надминуваат 700 милиони евра, нема високо или солидно ниво на транспарентност (исполнување на обврските над 60 отсто).
„Само седум претпријатија имаат ограничено ниво на транспарентност, односно исполнување на обврските од 40 до 60 отсто. Речиси половина од претпријатијата (14) имаат минимално ниво на транспарентност, односно исполнуваат од 20 до 40 отсто од обврските, додека, пак, дури 9 претпријатија имаат оскудно ниво на транспарентност, односно исполнување на обврските помало од 20 отсто, се вели во извештајот.
Речиси половина од претпријатијата ги немаат објавено ниту имињата на членовите на управните и на надзорните одбори. Ниту едно претпријатие основано од Владата или од општините не објавува информации за седниците на управните одбори.
Обврската за задолжително објавување на плановите за јавни набавки со сите измени и дополнувања не ја почитуваат дури 67 отсто од претпријатијата.
Гледано од аспект на основачите, претпријатијата основани од Владата имаат просечно ниво на транспарентност од 31 отсто, а претпријатијата основни од општините 27 отсто.
Во извештајот се констатира и дека јавните претпријатија се далеку потранспарентни од акционерските друштва во државна сопственост.
На врвот на ранг-листата со највисоко ниво на исполнување на обврските, и тоа од само 52 отсто, е ЈП за државни патишта, а на дното со 0 отсто се наоѓа АД Градски трговски центар.
Сепак, се констатира во извештајот, ЈП за државни патишта, иако остварува 52 отсто од поставените стандарди, има ограничено ниво на транспарентност во своето работење.
„Ова јавно претпријатие својата предност ја должи, меѓу другото, на објавувањето годишен извештај за работењето во 2017 година, ревизорски извештај за 2017 година, годишна програма за работа, како и на објавувањето на имињата на вработените и нивните контакт-информации. Но, ниту на веб-страницата на ова претпријатие, иако е прво рангирано, не можат да се видат информации за членовите на управниот и на надзорниот одбор, ниту, пак, кварталните финансиски извештаи за 2018 година, што е законска обврска со последните измени на Законот за јавни претпријатија“, се наведува во Извештајот.
Најниско рангираното по транспарентност, акционерското друштво ГТЦ иако котира и на берзата и каде што 97,58 отсто од акциите ги поседува АД за стопанисување на деловен простор во државна сопственост, на својата веб-страница не објавува ниту еден од документите што можат да се најдат на веб-страницата на Македонска берза, како што се: финансиски извештаи, биланси на успех, јавни повици за Собрание на акционери и донесени одлуки на Собранието.