Франција се подготвува за враќање на француските џихадисти кои беа заробени од страна на курдските власти во Сирија, откако САД објавија дека се повлекуваат од земјата, изјави министерoт за внатрешни работи Кристоф Кастанер.
– Американците ја напуштаат Сирија, а таму има луѓе кои се притворени бидејќи Американците беа таму. Тие ќе бидат ослободени и ќе сакаат да се вратат во Франција, изјави Кастанер за ТВ БФМ.
Во однос на тврдењата дека наредната недела треба да бидат ослободени 130 француски џихадисти, тој рече дека сака „сите кои ќе се вратат во Франција веднаш да бидат предадени пред лицето на правдата“.
Франција, како и другите европски земји, се бори со проблемот предизвикан од обидите на осомничените екстремисти да се вратат, заедно со нивните семејства, од воените зони во Ирак и во Сирија.
Политиката на Владата досега беше категорично отфрлање на опцијата за враќање на борците со семејствата во земјата.
Министерот за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, ги окарактеризира како „непријатели“ на нацијата кои треба да бидат изведени пред лицето на правдата во Сирија или во Ирак.
Според медиумите курдските сили во североисточна Сирија држат околу 150 француски државјани.
Властите проценуваат дека околу 250 француски џихадисти и натаму се борат во Сирија.