Сметководителите се против нов Закон изготвен без нивна вклученост

116

Комората на Сметководители на Македонија смета дека сметководителите се соочуваат со бројни предизвици, а Mинистерството за финансии им крои нов Закон без консултации, покрај ветувањата дека нема да се носат избрзани законски решенија без да се консултираат релевантните засегнати страни. Заедно со регионалните организации на сметководители, Комората на сметководители денеска ги истакна барањата што биле доставувани до ресорното министерство.

Оттаму бараат овозможување на поголема заштита на сметководителите, справување со сивата економија во секторот преку механизми, да се заштити потписот на сметководителите со оневозможување неквалификувани и нестручни лица кои не се носители на уверение за сметководител да поднесуваат завршни сметки, да им се овозможи минимална цена за работата како и да им се овозможи наплата на останатите услуги, како би можеле соодветно да се платени за работните часови кои ги вложуваат.

Сметаат дека не треба да се воведуваат испити или дополнително да се оптоваруваат сметководителите се додека не им се дадат правата од законот во сила кои се соодветни на нивните обврски , да можат соодветно да си ги наплатат услугите и да се одблокира работата на Институтот на сметководители и овластени сметководители кој изминатата година не бил во можност да ги извршува своите активности и обврски и да обезбеди соодветна заштита на своите членови.

„Наметнување на неиздржани законски решенија што никој не ги поддржува и никој релевантен не бил вклучен во кроењето на судбината на лицата кои работат во оваа професија, може да генерира само уште поголем отпор кај релевантните чинители и да ја успори економијата особено бидејки сметководителите потребно е да бидат еднакви партнери во креирањето и спроведувањето на даночните политики, како нивна иницијална професионална определба“, се наведува во соопштението од Комората.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...