Денеска почна првата уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва за оштетените осигуреници на кои со години не им биле плаќани придонеси во вториот пензиски столб. Со првата уплата се опфатени 4.926 осигуреници и таа треба да заврши до крајот на месецов.
Уплатите за другите осигуреници ќе се случуваат во наредните месеци и треба да завршат до средината на годината, со што сите 12.000 осигуреници ќе бидат целосно обесштетени. За оваа намена Владата обезбеди 19 милиони евра од државниот буџет. Согласно со новата законска регулатива во тек е трансферот на 11.319 членови од вторите кон првите друштва.
Обесштетувањето на осигурениците и сите други мерки предвидени со пензиската реформа беа тема на работниот состанок на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорите на ПИОМ, МАПАС и приватните пензиски друштва.
– Засега реформата тече според предвидената динамика, без никакви потешкотии при спроведувањето. Во изминатата година докажавме дека пензиите растат и тоа ќе биде случај и оваа година. Пензионерите може да бидат апсолутно спокојни. Реформата која ја правиме е избалансирана, до неа дојдовме преку темелни анализи грижејќи се да не оштетиме никого. Со неа го намалуваме дефицитот во ПИОМ за две милијарди годишно, но без радикални мерки како замрзување на пензии или покачување на старосната граница – изјави министерката Царовска по состанокот.
Министерството за труд и социјална политика вчера до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против непознат сторител за скандалот со неуплатените придонеси. Со кривичната пријава е поднесена и документација од темелната анализа на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите.