Синдромот на полицистични јајчници (ПЦОС) претставува збир на симптоми и знаци како пореметен менструален циклус, зголемена влакнатост, акни, опаѓање на косата, дебелина и зголемени јајчници. Симптимите се јавуваат од пубертет и се присутни во адолесцентен, адултен период и по менопауза. Со други зборови до крајот на животот, објаснува д-р Бранкица Крстевска, ендокринолог во Центарот за внатрешни болести „Срце“.
Дали ова заболување е синдром или болест?
– ПЦОС е синдром. Болест не е, бидејќи нема еден единствен критериум за дијагноза.
Што го причинува ПЦОС?
– Точната причина не се знае. Генетиката игра улога. Пациентката со ПЦОС ќе ви каже дека и нејзината сестра или мајка има некои слични симптоми. Тоа значи дека заболувањето е генетско и дека учествуваат повеќе гени. Досега не е откриен еден единствен ген за развој на ПЦОС. Други сознанија посочуваат на покачените нивоа на инсулин, кои телото на жената со ПЦОС не може соодветно да ги искористи. Со други зборови, зголемено ниво на инсулин во крвта е штетно за здравјето на жената, па доведува до зголемена продукција на машки хормони (андрогени), ги влошува симптомите на синдромот како влакнатост, акни и доведува до потешки нарушувања во менструалниот цилус. Исто така, го зголемуваат ризикот за дијабетес, срцево заболување и карцином. Возможно е ПЦОС да биде причинет од некои лекови како анаболички стероиди и лекови кои се користат во лекување падавица.
Како да се препознаат симптомите на ова заболување?
– Зголемената влакнатост се јавува на лицето, градите, грбот и стомакот, односно на места кои се карактеристични за машкиот пол. Вообичаено, влакната се видливи, темни и груби. Влакнетоста е силен показател за присуство на покачени машки хормони и се сретнува кај 70 отсто од жените со ПЦОС. Тоа предизвикува силен стрес особено кај адолесцентните девојчиња.
Акните може да бидат знак на покачени андрогени кои ги стимулираат лојните жлезди во кожата да лачат прекумерно лој. Најголем број од девојчињата во пубертет имале искуство со пубертетски акни. Но, присуството на акни во третата декада упатува на покачени андрогени и се симптом на ПЦОС. Се проценува дека акните се присутни кај над 40 отсто од жените со ПЦОС. Потешките форми на акни се болни, оставаат лузни по заздравување и причинуваат физички и психички стрес.
Кај некои жени со ПЦОС се јавува опаѓање на косата на темето на главата или „машки тип на ќелавост“.
Потешка форма на менструално пореметување (аменореа) е појава на менструално крвавење еднаш до два пати годишно или поретко. Нередовен менструален циклус (олигоменореа) е појава на менструално крвавење над шест недели или пак помалку од осум циклуси годишно. Кај овие жени отсутна е овулацијата, бидејќи фоликулите во кои се создава јајце клетка не растат доволно, не созреваат и немаат јајце клетка која се ослободува и која може да биде оплодена. Така, кај жените со ПЦОС се јавува инфертилност, односно неможност за забременување.
Често жените со ПЦОС се надхранети и дебели, со наод на таканаречена „јаболко дебелина“. Таа е препознатлива по таложење на мастите во стомакот (околу цревата, црниот дроб, во срцето). Стомачната дебелина е местото каде се создаваат адипоцитокини, одговорни за „тивка“ инфламација и последична артеросклероза. Доказ за надхранетост, односно дебелина, е обем на струк над 88 см. Дебелината кај ПЦОС доведува до состојба на инсулинска резистенција која се карактеризира со неможност на телото да го искористи инсулинот. Таа често е придружена со компензаторна хиперинсулинемија – зголемена продукција на инсулин. Двете состојби се придружени со нормален крвен шеќер, но носат ризик за нарушена гликозна толеранција или шеќерна болест.
Со ултразвучен преглед се докажуваат изменети јајчници кои може да бидат со зголемен волумен и/или да содржат бројни вреќички (цисти) помали од 10 мм. Ваквите јајчници се извор на женски и во поголема количина на машки хормони.
Дали наодот на зголемена влакнатост е дијагноза за ПЦОС?
– Не. Досега не е докажан единствен тест со кој би се поставила дијагноза за ПЦОС.
Како може да се постави дијагноза за ПЦОС?
– Треба да се земе историја на болеста, да се изведе клинички преглед и да се праша за менструалниот циклус. Врз основа на тие наоди лекарот одлучува да се направат хормонски тестови и да се одредат машките хормони во крв, како и ултразвук на јајчниците. Дијагноза за ПЦОС се поставува врз основа на утврдени критериуми.
Дали ПЦОС може да се излекува?
– Не. Можно е залечување. Изборот на терапија зависи од целта која треба да се постигне. Генерално, се препорачува диета и физичка активност. За надхранети и дебели лица со ПЦОС се препорачува исхрана со помалку калорични 3-4 оброци на ден, и консумирање течности без шеќери. Намалување на телесна тежина за 5 до 10 отсто може да го регулира менструалниот циклус, да го овозможи забременувањето, да ги подобри кожените и метаболни нарушувања.
Во промени на животните навики се препорачува физичка активвност, секојдневно во времетраење од 30 минути. Од лекови, за оваа група пациентки се препорачува метформин, кој го регулира циклусот и воспоставува овулација со можно забременување. Дополнително, за регулирање на менструалниот циклус може да се препише лек кој не влијае на зголемување на телесната тежина, а помага и во намалување на влакнатоста. „Спиронолактон“ е најдобар лек за намалување на влакнатоста, го регулира циклусот и не влијае на телесната тежина.
Пациентките не треба да очајуваат. Депилација, епилација или ласер се можни опции за отстранување на влакнатоста. Постојат локални препарати кои имаат ефект врз заздравување на акните. Комбинација од промена на животните навики, лековите и локален третман на кожата ќе имаат краткорочен и долгорочен ефект врз здравјето на жените со ПЦОС. Уште повеќе ја враќаат насмевката, самодовербата и го сочувуваат здравјето.