Косовскиот премиер Рамуш Харадинај објави дека им испратил писма на премиерите на сите држави во светот, со цел, како што вели, да им ја објасни природата на дијалогот меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на својата страница на Фејсбук, на која го објави и писмото, вели дека на светските премиери им објаснил оти дијалогот се одвива меѓу две суверени држави и негов субјект не е финалниот статус на Косово, туку нормализирање на односите со Србија, со меѓусебно признавање на двете држави.
– Утрово им испратив појаснувачко писмо на сите премиери во светот, со кое им ја објаснив природата на дијалогот Косово-Србија. Дијалогот Косово-Србија е дијалог меѓу две суверени земји и негов субјект не е финалниот статус на Косово, туку нормализирање на односите со Србија, со меѓусебно признавање на двете држави. Со ова појаснување имаме намера да ставиме крај на српската пропаганда дека статусот и територијата на Косово се уште се на маса. Косово својата државност ја заокружи на 17 февруари 2008 година – напиша Харадинај.
ФОТО: EPA / VALDRIN XHEMAJ