Собранието го донесе новиот Законот за јавни набавки кој ќе стапи на сила од април. Со него се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите.Новиот Закон, како што изјави министерот за финансии Драган Тевдовски, е усогласен со законодавството на Европската унија и ќе обезбеди рационално трошење на државните пари, слободна и фер конкуренција и транспарентност при јавните набавки.
– Она што е најважно е што се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Примената на овој критериум може да вклучува три различни пристапи: само цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена. Сведоци сме дека послаб квалитет или трошоци за поправки ја чинат државата многу повеќе – изјави Тевдовски.
Според него, новиот закон содржи решенија кои ќе ги заштитат правата на работниците кои учествуваат во извршувањето на договорите за јавна набавка, како и подизведувачите. Исто така, се воведуваат одредби кои се однесуваат на вклучување на социјални аспекти во постапките за јавни набавки, односно резервирани договори со цел поттикнување на инклузивен раст и вработување социјално загрозени групи.
Со новиот закон се воведуваат и низа мерки кои ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки. Со поголема застапеност на малите и средни претпријатија во јавните набавки, договорните органи ја прошируваат базата на потенцијални понудувачи и се зголемува конкуренцијата.
Исто така, се поедноставуваат постапките за јавни набавки со пониска вредност, преку воведување на постапки за набавка, како набавка од мала вредност, електронски пазар за мали јавни набавки и поедноставена отворена постапка.
Новиот закон за јавни набавки превидува и низа на антикорупциски правила и правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на јавните набавки.
Министерот за финансии посочи дека со предложениот Закон за јавни набавки ќе се подобри системот на јавни набавки во земјава, а нашето законодавство ќе се усогласи со законодавството на Европската унија.