Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе ги блокира средствата на венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА, во вредност од седум милијарди долари.
Мерките против компанијата ги најавија советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон и министерот за финансии Стивен Мнучин, а ќе опфатат замрзнување на какви било средства што венецуелската компанија ги има под американска јурисдикција, како и забрана на Американците да соработуваат со фирмата.
Воведените мерки имаат за цел да му дадат „ветер в грб“ на венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател на земјата, а американската администрација го призна како легитимен лидер на Венецуела.
– САД ги повика на одговорност виновниците за трагичниот колапс на Венецуела и ќе продолжат да користат низа свои дипломатски и економски средства за поддршка на преодниот претседател Хуан Гуаидо, Националното собрание и напорите на венецуелскиот народ да ја обнови својата демократија – рече Мнучин.
Според него, санкциите ќе го спречат претседателот Николас Мадуро од натамошно користење на средствата на Венецуела, а ќе ги зачуваат тие средства за венецуелскиот народ, додека патот кон укинување на санкциите на ПДВСА е „брз трансфер на контролата на привремениот претседател на новата, демократски избрана влада“.
Истовремено, Гуаидо му соопшти на Конгресот дека наложил да почне процесот на именување нов управен одбор на државната нафтена компанија ПДВСА и рафинеријата „Цитго“, инаку американска подружница.
Во меѓувреме, американскиот сенатор Марко Рубио рече дека санкциите што САД ги воведува кон државната нафтена компанија имаат за цел да го зголемат притисокот врз претседателот Николас Мадуро за да се повлече од власт.