Словенечкиот премиер Марјан Шарец ја прифати оставката на министерот за култура Дејан Прешичек, кој ја поднесе откако беше обвинет за мобинг.
Прешичек во образложението на оставката наведе дека односите во Министерството за култура се толку нарушени што не може да замисли да продолжи да работи со актуелниот состав.
Тој неодамна беше обвинет за мобинг кон своите вработени и злоупотреба на положбата, што кулминираше кога еден од вработените во Министерството за култура изврши самоубиство.
„Јутарњи лист“ објави дека станува збор за татко на три деца, чија жена боледува од рак и кој, според изјавите на вработените во Министерството, бил мета на мобинг, но признал дека злоупотребил користење на службено возило.
Прешичек ги отфрли обвинувањата за мобинг.
– Никому не би посакал да го помине тоа што јас го поминав минатата недела. Јавниот линч не ме погоди само мене и моите колеги, туку и тие кои, како што би рекол Прешерн, се добродојдени во културата. Тоа не можам да го дозволам, бидејќи не сум бесчувствителна личност, како што некои (медиуми) се обидоа да ме прикажат – напиша Прешичек во писмото.
Тој наведе дека „гледа само едно можно решение“, а тоа е да поднесе оставка на функцијата министер за култура.
Премиерот Шарец ќе побара од коалицискиот партнер Социјалдемократската партија, чиј член е Прешичек, да предложи нов кандидат за министер за култура и двајца државни секретари, што е можно побрзо.
Шарец смета дека целото раководство во Министерството за култура треба да биде сменето, за да се расчисти ситуацијата. Тој на денешната прес-конференција рече дека очекува конкретни резултати од новиот тим.
– Министерството за култура е многу важно во однос на чувањето на националниот идентитет, јазик и култура – рече Шарец и додаде дека ја прифатил оставката на министерот за да се нормализира состојбата во Министерството.
Тој информира дека добил 74 пријави против Прешичек за мобинг и дека е загрижен поради тоа.
ФОТО: МИА