Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) денеска соопшти дека ќе ги информира членовите во пензискиот систем за нивната распределба во соодветните пензиски фондови и за средствата што ќе им бидат пренесени на нивните индивудуални сметки, вклучувајќи го и надоместокот за ненавремената исплата, откако вчера беше откриена афера според која противзаконски на 12 илјади нововработени лица идни пензионери во периодот од 2007 до 2018 година не им било уплаќано во вториот пензиски фонд.
МАПАС, како што соопшти, потполно ја поддржува иницијативата на Министерството за труд и социјална политика за поднесување кривична пријава против непознат сторител до Основното јавно обвинителство и во рамките на своите надлежности ќе соработува со надлежните институции заради заштита на интересите на членовите на пензиските фондови, се наведува во соопштението.
Министерството за труд и социјална политика денеска информира дека достави кривична пријава против непознат сторител до Основното јавно обвинителство. Покрај пријавата, доставени се и сите документи од анализата на пензискиот систем со која се откриени неправилностите при распределбата на средствата.