Тевдовски затечен од аферата со пензиите

Буџетот за годинава е подготвен според барањата на институциите. Министерството за труд и социјални работи добило онолку колку што побарало, рече Тевдовски.

1354

Министерот за финансии Драган Тевдовски се прогласи за ненадлежен за аферата од 19 милиони евра неуплатени на сметките на пензиските осигуреници во вториот пензиски фонд, објавена вчера од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

– Проблемот е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и најдобро е тие да ги дадат поединостите околу случајот – рече Тевдовски.

Тој изјави дека во рамки на Буџетот за годинава се распределени пари колку што побарале министерствата, а дали за аферата се знаело кога бил подготвен Буџетот не знаеше да каже.

– Буџетот за годинава е подготвен според барањата на институциите. Министерството за труд и социјални работи добило онолку колку што побарало за пензиската реформа за создавање одржлив пензиски систем и намалување на ризиците за исплата на пензиите за сегашни и идни пензионери – рече Тевдовски.

Тевдовски одби да каже и дали Министерството за финансии било вклучено во разоткривањето на аферата и како се обезбедени 19 милиони евра за пополнување на дупката што била направена во вториот пензиски фонд.

Од Министерството за финансии дополнително додадоа дека е добро што оштетените граѓани ќе бидат обештетени.

Вчера министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, откри дека 12.000 вработени, осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и идни пензионери, кои се во двостолбниот пензиски систем повеќе години не им биле префрлани средствата во вториот столб, со што секој од нив поединечно изгубил околу 400.000 денари.

Ваквата состојба, како што информира министерката, траела од 2007 до 2018 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...