До крајот на месецов е отворена и бесплатна за посетители изложбата на Музејот на раскинати врски од Хрватска во Младинскиот културен центар во Скопје. Ова е втора средба на поставка од необичниот загрепски музеј со скопјани, по првото гостување во 2007 година во холот на главната Пошта.
Музејот во Загреб го основале уметниците Олинка Виштица и Дражен Грубишиќ откако во 2003 година ја раскинале четиригодишната врска и не знаеле што да прават со предметите што им останале по раскинувањето. По три години ја реализирале идејата за основање музеј во кој ќе собираат донации на предмети со исповедни приказни од пропаднати врски. Не само што е оригинален по идејата, туку е и првиот загрепски музеј во приватна сопственост, а покрај постојаната поставка во Загреб, има и уште една во Лос Анџелес.
Грубишиќ за МИА вели дека тоа што досега предмети од нивниот музеј гостувале во повеќе од 50 градови во цел свет е доказ дека оваа изложба ги преминува границите и се занимава со емоцијата која на сите ни е блиска: љубовта и престанувањето на љубовта.
Колку експонати поседува Музејот на раскинати врски во постојаната поставка во Загреб, а колку се претставени во Скопје?
– Од нашата колекција донесовме 50 експонати во Скопје, а локално собравме уште 12. Во Музејот во Загреб имаме изложени 94 приказни, и тоа е некој максимум. Никогаш не изложуваме повеќе од сто затоа што сметаме дека на луѓето треба да им се понуди оптимален број за да не ги замори.Инаку, во архивата имаме повеќе од 3.000 предмети, така што можеме секогаш да комбинираме различни теми и различни чувства.
– Дали луѓето се расположени да донираат? Колку предмети годишно добивате и постојат ли одредени критериуми за тие да бидат прифатени во збирката?
Откога почнавме со Музејот, значи од 2006 година до денес, не престануваме да добиваме нови предмети. Понекогаш само доаѓаат по пошта, а понекогаш луѓето ги донесуваат во Загреб. Голем број собираме и на гостувачките изложби бидејќи тогаш, во соработка со локалните организатори, обично ги собираме најдобрите приказни и предмети.Од самиот почеток рековме дека нема да примаме само предмети кои се навредливи на некоја расна или национална основа, меѓутоа до денес не се случило да добиеме такво нешто, така што, ете, прифаќаме сè.
Може ли да издвоите некои од предметите како најнеобични или по емотивноста на приказната што ги придружува?
– Ова е прашање на кое е најтешко да се одговори зашто јасно ви е дека кога имате толку голема архива, тука има страшно многу приказни и предмети кои ќе ве потресат или кои спаѓаат во категоријата необични.Сигурно под необични спаѓаат камен од жолчка или, можеби, силикони извадени од нечии гради, а што се однесува до емотивните, тука, сепак, се вбројуваат оние што се однесуваат на семејството.
По 11 години вторпат доаѓате во Скопје. Има ли Музејот во својата збирка сведоштва за распаднати љубови од Македонија?
– Да, има еден предмет што го добивме во Скопје во 2008 година и тој доста пропатува до денес. Резанка лубеница, всушност тоа е парче дрво, но обоено како резанка лубеница. Одлично изгледа и има кратка и симпатична приказна.
А еве, сега, собравме уште неколку предмети, па некои од нив и ќе продолжат да патуваат.
– Досега сте гостувале во градови на сите континенти. Какви се впечатоците на посетителите, на што најмногу реагираат?
Тоа што досега сме гостувале во повеќе од 50 градови во цел свет е сигурно и доказ дека оваа изложба ги преминува границите и се занимава со онаа емоција која на сите ни е блиска: љубовта и престанувањето на љубовта. Каде и да дојдеме, реакциите се исти. Постојат можеби некои културолошки разлики кои се гледаат во приказните од одделни земји, стилот на пишување или начинот на презентација, но самата реакција на посетителите е секогаш иста.
Во Загреб покрај Музејот имаме и мало кафуле каде што знам да седнам и да сработам нешто со кафе. Често тогаш посетителите кои ја завршиле обиколката на музејот седнуваат да ги средат впечатоците, па сакал-нејќел слушам што коментираат. Секогаш почнуваат со тоа што тие би донирале и кои приказни најмногу им оставиле впечаток.
Интересно е што ретко е тоа ист предмет. Изгледа дека секој, со оглед на своето искуство, избира нешто што најмногу му оставило впечаток. Така што, од една страна тоа е силно индивидуално, а сепак толку универзално искуство.
Хатка Смаиловиќ