„Жолтите елеци“ и денеска на улиците во Франција

Како што јави дописникот на МИА, „жолтите елеци“ изминативе недели ја манифестираа нивната сила, но денешните протести треба да покажат дали тие се се уште одлучни, како пред една недела.

52

„Жолтите елеци“ за денеска, 11-та сабота по ред, најавија нови протестни собири низ Франција, што треба да покажат дали националната дебата за излез од кризата предизвикана од протестите, најавата за нивно учество на европските избори и контрасобирите на „црвените марами”, доведоа до поделби во движењето, кое се повеќе е стихијно, отколку организирано.

Како што јави дописникот на МИА, „жолтите елеци“ изминативе недели ја манифестираа нивната сила, но денешните протести треба да покажат дали тие се се уште одлучни, како пред една недела.

По намалената масовност на протестите за време на празниците, на 5 јануари на протестните собири имаше околу 50.000 лица, а 12 и 19 јануари по околу 84.000. Овие бројки, се далеку под оние од првата сабота од протестите, кога на улиците имаше над 280.000 „жолти елеци”.

Сепак, очигледно е дека националната дебата за излез од кризата со протестите на „жолтите елеци“, што ја започна на 15 јануари по иницијатива на францускиот претседателот Емануел Макрон, не придонесе за намалување на двомесечниот социјален гнев на Французите.

Како и на претходните саботни протести и за денеска се планирани неколку собири во Париз, вклучувајќи и марш од Шанзелизе до Плас де ла Бастиља, при што демонстрантите ќе минат пред Националното собрание и Министерството за финансии.

Како манифестација на отпор на националната дебата, еден од лидерите на движењето, Ерик Друе предложи одржување на „жолта ноќ”, односно протестен собир во текот на ноќта на Плоштадот на Републиката во Париз.

Групата „Гневна Франција“ на Присилија Лудоски, која се оддели од групата на Друе, повика на марш за солидарност на „жолтите елеци“ од Министерството за прекуокеански територии до седиштето на Фејсбук во Париз.

Движењето се подели и поради создавањето изборна листа на „жолтите елеци“ за учество на изборите за Европскиот парламент, предводена од Ингрид Левасер и Хаик Шахнинијан. Друе, кој тврди дека движењето е аплотичко, ги обвини Левасер и Шахнинијан за „бедно посвојување“ на „жолтите елеци“.

Во Бордо и Тулуз, кои важат за едни од главните упоришта на „жолтите елеци“, властите стравуваат од нови насилства, како и прертходните саботи.

Покрај денешните протести на „жолтите елеци“, за утре се најавени и собири на „црвените марами“.

„Црвените марами” се движење создадено кон крајот на ноември минатата година, во знак на протест против „блокадите и насилството“ на „жолтите елеци“.

Тие за утре повикаа на одржување „републикански марш на слободата“ во Париз „за да се слушне гласот на тивкото мнозинство и да се одбранат демократијата и институциите“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...